Заврши собирањето докази, истрагата за несреќата на македонскиот автобус во Бугарија е при крај

Точка

19/01/2022

18:14

2.558

Големина на фонт

а а а

Завршено е собирањето докази за тешката сообраќајна несреќа на македонскиот автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија, што се случи во ноември минатата година, со што истрагата е при крај.

„Собрани се огромен број докази неопходни за расветлување на објективната вистина“, изјави Сијка Милева, портпаролката на главниот бугарски обвинител, за БТА.

„Останува да се испрати молба за правна помош до Скопје, со цел да се информираат роднините на жртвите. Според бугарското законодавство, тие имаат право да поднесат граѓанска тужба во судската постапка и да се запознаат со материјалите од предистражната постапка“, додава Милева.

Истовремено со бугарската истрага, скоспкото обвинителство постапува во предмет кој се однесува на работењето на фирмата „Беса Транс“, како и постапувањето на други надлежни органи. Оттаму засега не соопштуваат детали за да не се наштети на истрагата. Единствено велат дека сè уште се прибира потребната документација.

Од македонските институции по несреќата излегоа со информации дека автобусот на „Беса Транс“ со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници, а засега за случајот суспендирани се двајца цариници бидејќи не го евидентирале излезот на автобусот од земјата, а санкциониран е нивниот раководител.

Во автобуската несреќа во Бугарија што се случи на автопатот „Струма“ на 23-ти ноември, загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.




Спонзорирани линкови

Маркетинг