Реакција од кабинетот на Заев: „Димитров имаше сериозен удел во создавањето на нашите позиции за Бугарија“

Точка

12/01/2022

14:20

2.638

Големина на фонт

а а а

„Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија“, наведува Кабинетот на премиерот во оставка, Зоран Заев, за изнесените ставови на досегашниот вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров.

„Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија. Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи“, се наведува во реакцијата на Кабинетот на Заев.

Оттука додаваат дека доколку Димитров е против било што од позициите кои биле заеднички изградени, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто. Во спротивно, велат од Кабинетот на Заев, останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, се додава во реакцијата.

Димитров денеска на прес-конференција изјави дека не се повлекол сам од функцијата, туку дека неговите позиции за спорот со Софија се причина што нема да биде дел од новата влада.