Ковачевски ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ – побара поддршка од членството и граѓаните

Макфакс

01/12/2021

13:34

1.700

Големина на фонт

а а а

Заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, поднесе кандидатура за претседател на СДСМ. Тој кажа дека поднел и програма која се базира на економските политики, зголемување на стандардот кај граѓаниte, како и систем во кој само лица со одговорност ќе добијат унапредување.

Прашан за кандидатурата на Фросина Ременски, тој не сакаше да коментира и рече дека тоа е потврда за демократските капацитети на СДСМ.

„Мојот интегритет и работење ќе го потврдам преку работењето, политиките и одлуките доколку бидам избран за претседател на СДСМ“, рече Ковачевски на прашањето дали Зоран Заев ќе влијае врз носењето на неговите одлуки доколку победи на партиските избори.

Тој повика и побара поддршка од членовите, но и граѓаните.

„Согласно роковите ја поднесов програмата, согласно визијата и програмата. ‘Заедно, одговорно и посветено’. Програмата се базира на три столба, социјалдемократска визија, социјалдемократски вредности од кои извираат принципите и резултатите, економски раст, односно посветеност кон економските политики и зголемување на стандардот кај граѓаните и трето е фер шанса и јасен систем со одговорности каде најдобрите ја добиваат одговорноста за унапредување на системот. Партијата работи и на унапредување на партиската демократија и организација. Ги повикувам членовите на партиите, но и граѓаните да ја прочитаат програмата, за да видат и за активностите кои ќе бидат преземени со цел СДСМ на следните избори да издвои победа на следните парламентарни и претседателски избори“, посочи Ковачевски.

Прашан за мислење околу кандидатурата на Фросина Ременски, тој рече: „Toa го потврдува демократскиот капацитет на СДСМ. Секој што ги исполнува критериумите, може да се кандидира. Јас нема да коментирам за другите кандидати, со кои сме другари и другарки. Ќе се посветам на промоција на мојата програма“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг