Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, во изјава за МИА вели дека на местото на автобуската несреќа во Бугарија се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата.
„Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани“, изјави Станков за МИА.
Станков исто така потврди дека кога ќе бидат готови извештаите од македонските лекари од судска медицина кои овие денови биле во Софија, истите ќе бидат предадени на бугарските власти.
Претходно, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева, на прес-конференција со заменик јавниот обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, изјави дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела.
„Најдовме 44 трупови, во болница се 7 лица. Имаме информација дека патувале 52 патници. Останува големата дилема, каде е осмото лице? Работиме по таа верзија. Можеби станува збор и за лоша меморија на сведоците“, изјави Милева.