Денеска било одржано ново рочиште во предметот на Словенката Јулија Адлешиќ, на која и се судело поради обид за измама и намерно самоповредување за да дојде до парите од осигурувањето. Имено, на денешното рочиште, нејзиниот партнер Себастиен Абрамов и неговите родители Тинка Хускиќ Цолариќ и Горазд Цолариќ ја признале вината.
Адлешиќ е осудена на една година и седум месеци затвор, а Абрамов на две години и пет месеци. Поголем дел од казната веќе отслужиле во затвор. Денешната пресуда не е правосилна, а ќе се разгледа и евентуална жалба. Нејзиниот адвокат рекол дека Адлешиќ ја признала вината дури сега поради лични причини.
Лажела дека сечела гранки со моторна пила
Потсетуваме, Адлешиќ останала без дланка на почетокот на 2019-та година. Тврдела дека станува збор за несреќа која се случила додека сечела гранки за огрев со моторна пила. По неколку дена побарала исплата на отштетата од осигурување со кое претходно направила договор, но љубљанската полиција многу брзо открила дека станува збор за измама, во која Јулија намерно си ја отсекла раката само за да дојде до парите.
Обвинителството утврдило дека Јулија и сопругот испланирале се уште во 2018-та година и дека тогаш направиле договор со повеќе осигурителни компании. Јулија во овој случај инвалидитет требала да добие повеќе од милион евра, од кои повеќето би ги добила веднаш, а дел во облика на траен месечен приход.
Исто така, обвинителството тврдело дека нејзиното момче пред несреќата на интернет пребарувало за вештачка, биомеханичка рака, што се поклопува со тезата дека се било испланирано. Полицијата подоцна пресечениот екстремитет го однела во болница, каде лекарите со оперативен зафат успеале да го зашијат назад, спасувајќи ја Јулија од траен инвалидитет.