Подводна апокалипса: Вака би можела да изгледа нашата иднина - Како ќе биде кога морето ќе проголта многу градови

Точка

26/10/2021

18:50

2.440

Големина на фонт

а а а

Планетата брзо се загрева, а како последица од тоа има големо топење на мразот дури и на Арктикот, рекордни суши и смртоносни поплави. Исто така, се крева нивото на морето, а научниците велат дека тоа ќе продолжи и во децениите кои доаѓаат.

Новото истражување на "Климатска централа", непрофитна истражувачка група, покажало дека околу 50 крајбрежни градови би морале да воведат мерки за адаптација "без преседан" за да спречат растечкото ниво на морето да ги проголта нивните најнаселени подрачја, пишува "CNN".

Анализата, направена во соработка со истражувачите од Универзитетот Принстон и "Институтот за климатси последици" во Германија покажала визуелни контрасти меѓу светот кој го познаваме денес и иднината под вода, доколку планетата се загрее за повеќе од три степени Целзиусови над индустриското ниво.


Научниците во август известиле дека светот е веќе потопол за 1,2 степени, и предупредиле дека температурите треба да останат под 1,5, што е критичен праг да се избегнат најтешките последици од климатските промени.

Но, дури и пред најоптимистичното сценарио, во кое денеска се почнува со намалување на емисијата на штетни гасови, а се сведува на 0 до 2050-та година, глобалните температури и натаму ќе одат над прагот од 1,5 пред опаѓањето.


Во помалку оптимистичното сценарио, каде емисиите продолжуваат да растат по 2050-та година, планетата ќе достигне три степени повеќе веќе во 2060-тите или 2070-тите години, а океаните ќе продолжат да растат со децении после тоа, пред да го достигнат пикот.

"Денешните избори ќе го постават нашиот пат" истакнал главниот научник во извештајот на "Климатска централа", Бенџамин Страус.


Истражувањето покажало дека малите, островски нации се во ризик да ја изгубат речиси целата територија, а осум од 10-те први подрачја изложени на порастот на нивото на морето се наоѓаат во Азија, со околу 600 милиони жители на кои им се закануваат поплави според сценариото на загревање од три степени.

Кина, Виетнам, Индија и Индонезија се првите пет земји кои се најранливи на долгорочното кревање на нивото на морето.


Доколку планетата го надмине прагот од три степени, извештајот укажува дека 43 милиони луѓе во Кина ќе живеат на земја за која се предвидува дека ќе биде под нивото на плимата до 2100-та година, со 200 милиони луѓе кои ќе живеат во подрачја со ризик од раст на нивото на морето на долги патеки.

Со секој дел од степенот на загревање, последиците на климатските промени се влошуваат.


Дури и со ограничување на загревањето на 1,5 степени, екстремните временски услови кои светот ги претрпе ова лето ќе станат почести и поинтензивни, велат научниците. Надвор од тој праг, климатскиот систем би можел да стане непрепознатлив.

Според извештајот на "Климатска централа", околу 385 милиони луѓе сега живеат на земја која ќе биде поплавена, дури и ако се намали емисијата на штетни гасови.


Ако загревањето се ограничи на 1,5 степени, нивото на морето ќе ја погоди земјата на која денес живеат 510 милиони луѓе. Ако достигне 3 степени, ќе биде погодена земја на која живеат повеќе од 800 милиони жители на Земјата.

Адаптираните крајбрежни подрачја се навистина скапи, но доколку не се реагира итно, екстремното време и растот на нивото на морето ќе бидат иднината на Земјата, предупредиле научниците.




Спонзорирани линкови

Маркетинг