Нова пресуда за убиството на Пино Секондо, мајката на Пино: Се надевам до крајот на судењето ќе ѝ дадат доживотен затвор

Макфакс

13/10/2021

14:22

3.910

Големина на фонт

а а а

Кривичниот суд повторно ѝ изрече затворска казна од 19 години на Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пино Секондо. Ова е практично иста казна како што и претходно ѝ беше изречена, а Апелација ја укина и го врати предметот на повторно судење.

Адвокатот Sвонко Давидовиќ, кој ја застапува Ѓорѓиевска пред судот, тврди дека без ниту еден доказ, туку врз основа на, како што посочи - „ти реков, ми рече“ е донесена пресуда по предметот. Според него, не е постапено по напатствијата дадени од Апелација, од каде што посочиле дека материјалните докази не го потврдувале извршеното дело.

„Ова е грозоморен чин и наша обврска е да се расчисти и утврди вистината. Но, врз основа на докази, не врз основа на ти реков – ми рече. Без ниту еден нов доказ е донесена пресуда иако Апелација стриктно тоа го бараше во пресудата. Дури и во обвинителниот акт се наведува дека таа не го извршила убиството, а не се докажа дека е соизвршител, дека го повикала убиецот. Базните станици покажуваат дека никогаш не биле заедно, освен во 22.08 часот во Ѓорче Петров. Потоа не биле на иста базна станица. Материјалните докази не покажуваат ништо во однос на самото дело. Нема одговор каде, кога, како, зошто, кој… Само една конструкција од типот ти реков – ми рече, што Апелација ја уважи и ја укина пресудата со точни напатствија по кои не се постапи“, вели Давидовиќ.

Ѓорѓиевска, која одново е осудена како соизвршител на убиството, останува во притвор до правосилност на пресудата или евентуална нова одлука. Нејзиниот адвокат посочи и дека ќе поднесат одново жалба до Апелација, со која ќе бараат укинување на пресудата.


Ангела Ѓорѓиевска и првиот пат доби 19-годишна казна затвор поради свирепото убиство на Пино Секондо, која подоцна беше укината. При првата пресуда судијката Ленка Давитковска ја прогласи за виновна, односно дека помогнала во извршување на убиството, кое се случи во 2018 година. Телото на убиениот Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.

Во бегство и натаму е Фуркан Али, обвинет дека го извршил убиството, користејќи пушка што ја носел со себе во автомобилот. Тој се гони за кривично дело убиство, но е недостапен за органите на правдата.

Според обвинението, осудената Ѓорѓиевска го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и Фуркан Али со возило „опел аскона“ носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“, со кое до насипот дошол Пино. На совозачкото место седнала Ѓорѓиевска, а Пино седнал на задното седиште.

Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан Али со пушката го застрелал Пино Секондо во главата. Осудената Ангела Ѓорѓиевска придонела да се изврши убиството, така што овозможила Пино да се сретне со убиецот иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.

Мајката на Пино: Се надевам до крајот на судењето ќе ѝ дадат доживотен затвор

По одново донесената 19-годишна затворска казна за Ангела Ѓорѓиевска, обвинета за соизвршителство во убиството на Пино Секондо, реакција имаше мајката на убиениот, Маја Трпковска. Таа се надева дека во текот на судењата на повисоките судови на неправосилно осудената ќе ѝ биде изречен доживотен затвор.

„Се надевам дека до крајот на судењето ќе ѝ дадат доживотен затвор. Јас не застанувам тука“, напиша Трпковска.

Мајката на Пино реагира и при укинувањето на пресудата за Ѓорѓиевска кога напиша: „Вода во пустина ќе најдеш, ама правда во Македонија тешко. Нема правда во Македонија“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг