Во акција на Европол уапсени 330 лица, Западен Балкан центар за трговија со дрога и оружје

Макфакс

28/09/2021

21:50

1.718

Големина на фонт

а а а

Во заедничка повеќедневна операција на Европол и 27 земји, уапсени се 330 лица кои се товарат за трговија со дрога, оружје и посредување при илегална миграција во југоисточна Европа, објави денеска Европол.

Се додава дека за време на акцијата, Европол испратил двајца експерти во Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои помогнале во размената на информации помеѓу надлежните органи.

Речиси 11.000 полицајци на терен учествувале во акцијата спроведена од 15 до 18 септември, пребарувајќи 724 локации, испрашувајќи 33.428 луѓе и извршувајќи проверка на 22.605 возила.

Запленети биле 154 парчиња огнено оружје, 57 рачни бомби и експлозив, 2.125 парчиња муниција, 719 килограми канабис и 920 насади со марихуана.

Регионот на Западен Балкан е клучен центар за нелегална трговија со огнено оружје во Европската Унија, се вели во соопштението и се додава дека меѓународните криминални групи доаѓаат главно од Западен Балкан, каде што се широко достапни човечки ресурси со добри познавања за оружје.

Огненото оружје потоа се шверцува во ЕУ, главно во Белгија, Франција, Германија, Шпанија и Холандија.

Нелегалната трговија со оружје е тесно поврзана со трговијата со дрога, особено со кокаин.

Во некои случаи, криминалните групи разменуваат оружје за дрога, а исто така користат оружје за да стекнат и задржат контрола врз профитабилниот пазар на наркотици, посочуваат од Европол.

Дилерите на оружје нудат бројни и разновидни парчиња огнено оружје, старо и ново. Оружјето често се шверцува како дел од пратки со повеќе производи или се крие во возила.

Цените на оружјето на Западен Балкан, иако растат, сепак се многу пониски отколку во Западна Европа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг