Џафери на состанок на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан

Макфакс

27/09/2021

10:18

1.632

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе учествува на Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, на Брдо при Крањ.

Состанокот е во организација на Националното собрание на Република Словенија, а во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.

Настанот е продолжение на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан, кој се организираше по втор пат во мај оваа година во Европскиот парламент во Брисел. Предвидено е во воведниот дел на состанокот, свои излагања да имаат Претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, Претседателот на Европскиот парламент Давид Марија Сасоли, Анже Логар, министер за надворешни работи на Република Словенија и Моника Грегорич, претседател на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Република Словенија.

Главната дискусија ќе биде насочена кон улогата на парламентите во враќањето на довербата за процесот на проширување на ЕУ, каде со свое обраќање ставовите ќе ги искажат претседателите на парламентите од Западен Балкан, вклучително и претседателот Талат Џафери.

Исто така, предвидена е дебата со претставници на младите од регионот на Западен Балкан, како дел од дебатата за Конференцијата за иднината на Европа, на која тие ќе имаат можност да искажат свое мислење за тоа во каква Европска унија сакаат да живеат, до кој степен младите луѓе од Западен Балкан ја гледаат нивната иднина и нивната земја како дел од ЕУ и на кој начин Унијата треба да се реформира за да биде поефикасна, побезбедна и попросперитетна за своите граѓани.

На крајот на состанокот, планирано е усвојување на Заедничка изјава од страна на учесниците, која ќе биде испратена до Европскиот парламент, Европската комисија, до учесниците на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан, како и до Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг