Како сцена од вестерн филм: Шокантни фотографии од границата во Тексас! На коњи и со камшик бркаат мигранти

Точка

21/09/2021

22:17

3.404

Големина на фонт

а а а

Светот го обиколиле фотографии од агенти на американската гранична патрола како на коњи фаќаат и обиколуваат хаитски мигранти кои во се поголем број доаѓаат на границата во Тексас.

Посебно вознемирувачка е фотографијата на која се гледа како еден граничар со коњ, како во вестерн филмовите, повлекува мигрант за маица во близина на реката Рио Гранде, кој во рацете носи кеси во кои веројатно има кутии со храна.

Поради ова реагирала и Белата куќа, чија портпаролка Џен Псаки била запрашана дали ваквата употреба на коњи, можеби и камшици, е соодветна тактика во земјата која лежи на темелите на ропството, пренесува "Jutanji List".

"Видов некои снимки. Немам целосен контекст. Не можам да замислам кој контекст би можело тоа да го направи примерно. Мислам дека никој што ја гледал снимката не би помислил дека е прифатлива или примерна", рекла таа.

Повеќе од 6.000 Хаиќани и други мигранти биле растерани од кампот во пограничниот град Дел Рио во Тексас, рекле некои американски службеници, бранејќи ги своите постапки, пренесува "Guardian".

Опишувајќи го инцидентот како "провокативна и потресна ситуација", министерот за внатрешни работи Алехандро Мајоркас издал остро предупредување: "Ако илегално дојдете во САД, ќе бидете вратени. Вашето патување нема да успее, ќе го загрозите својот живот и животот на вашите семејства."

Мајоркас и началникот на граничната патрола, Раул Ортиз рекле дека ќе ги разгледаат постапките на агентите кои на коњи ги потиснувале мигрантите и бегалците на реката меѓу Сиудад Акуна, Мексико и Дел Рио, но истакнале дека на основа на фотографиите и снимките не гледаат ништо погрешно.

Во последните неколку недели повеќе од 12.000 Хаиќани пристигнале во Дел Рио, собирајќи се во огромен импровизиран камп под и во близина на мостот. Многумина се селеле меѓу два града, барајќи храна од Мексико, додека нивните членови на семејствата ги чекале во САД. Хаиќаните неколку години мигрирале во САД преку Јужна Америка, многумина преку Дариен Гап, џунгла во Панама.

Некои кои неодамна дошле рекле дека поради неодамнешниот голем земјотрес на Хаити и убиството на претседателот Жовенел Моиз, се плашат да се вратат.

"Најбрзо протерување во историјата"

Кога во неделата била затворена границата во Дел Рио, мигрантите и бегалците тргнале понатаму кон истокот за да ја минат Рио Гранде, реката која ги разделува САД и Мексико. Ги сопреле агентите на граничната патрола на коњи и службеници на полицијата.

САД започнале операција да вратат илјадници луѓе во нивната земја, а останатите да ги спречат да минат во Мексико, започнувајќи нешто што би можело да биде едно од најбрзите американски протерувања во последните неколку децении.

Единствена паралела која може да се повлече со ваквото масовно протерување без можност за барање на азил е тоа од 1992-ра година, кога американската крајбрежна стража на море пресретнала хаитски бегалци, рекла за "AP" Жаел Шашер, активист во организацијата "Refugees International".

Пол Ратје, фотограф на "AFP" кој ја направил виралната фотографија од агентот на коњ кој фаќа мигрант кој носи храна, за "Washington Post" рекол:

"Доаѓам на местото на настанот и таму сите преминуваат...Наеднаш се појави некоја полиција и почна да ги растерува луѓето. Тогаш пристигнаа и граничарите на коњи и се обидуваа да ги натераат да заминат".

Според наводите на "El Paso Times", еден агент "замавнал со камшик, јавајќи го коњот кон луѓето во реката". Граничарите во оддалеченото подрачје на Тексас често користат коњи, со оглед на тешкиот терен, но не се знае дали во неделата користеле и камшици.

САД планираат масовна депортација

Мајоркас во понеделникот изјавил дека му било кажано дека камшиците се користат за контролирање на коњите, но дека се ќе биде истражено и ќе се реагира ако се заклучи нешто друго. "Vice News" известуваат дека агентите понекогаш користеле долги камшици за да ги спречат луѓето премногу да се доближат до коњите.

Фотографот Ратје рекол дека мигрантите се обидувале да побегнат пред агентите на коњи.

"Тогаш еден агент фати момче и некако го замавна", рекол за фотографијата која ја направил.

Во неделата повеќе од 320 мигранти, на три летови, пристигнале на Порт-о-Пренс на Хаити, а се очекува дека денеска ќе одлеаат уште шест. САД планираат од утре да започнат со протерување кое ќе вклучува по седум летови дневно, рекол еден службеник.



Спонзорирани линкови

Маркетинг