Маурисио Покетино ќе има огромен притисок да го освои трофејот во Лигата на шампионите оваа сезона, но аргентинскиот стручњак уште пред воведниот меч во новата сезона, се обиде да симне дел од товарот кој го чувствува, потенцирајќи дека сите тимови во најелитното натпреварување ќе треба да победат еден силен колектив.
Покетино прифаќа дека неговиот тим е еден од главните фаворити за титулата во најелитното натпреварување, но пред гостувањето на натпреварот во Белгија против Клуб Бриж, смета дека актуелниот првак Челси има доволно големи квалитети за да се смета за состав кој е на прво место на листата на тимови кои сите сакаат да ги победат.
– Многу е веројатно дека ние и Челси сме двата тима кои сите сакаат да ги победат. На хартија, работите стојат така, ако се погледнат двата тима, се добива таков впечаток.
– Сепак, Челси е бранител на титулата и затоа тоа е колетивот кој сите сакаат да го победат, особено откако го засилија својот тим ова лето. Челси е на врвот, бидејќи ние се уште не сме вистински тим.
– ПСЖ е клуб кој регрутираше многу играчи ова лето, тоа се многу големи имиња, но ние се уште не сме тим. Знаеме дека ќе ни се суди на крајот од сезоната, резултатите ќе го кажат своето. Ние имаме големи имиња, но мора да станеме тим со текот на времето. Притисокот е тука за сите, а цела јавност знае дека со години наназад, главната цел на ПСЖ е Лигата на шампионите, – вели Покетино.