Пожарникар од Тетово: Ковид-центарот немал ниту една „противпожарна бариера“

Точка

14/09/2021

16:17

3.186

Големина на фонт

а а а

Објектот нема „противпожарни бариери“ за да го спречат ширењето на огнот. Доколку била цврста градба, немаше да се случи ваква трагедија, вели пожарникарот Бобан Трпкоски.

„Доколку модуларната болница била од цврста градба немаше да се случи трагедија како во ковид-центарот во Тетово“, вели Бобан Трпкоски, противпожарен инструктор од Тетово, кој по 31-годишно искуство во пожарникарството, обуки во Велика Британија и над 10 илјади интервенции на огнени стихии во земјава, вели дека и неколку дена по трагедијата го мачат бројни дилеми, прашања, претпоставки дали можеше да се избегне ваков исход, доколу биле почитувани сите правила и препораки за заштита на објектите од пожари.

Предзнаци

Монтажните објекти се градат брзо, се користат материјали кои се лесни за пренесување и монтирање, но не секогаш се води сметка дали тие ќе бидат безбедни. Изолација со пир или пур пена во ѕидовите е дилемата којашто се отвори во јавноста по информацијата дека монтажната барака горела како картон и буквално ја проголтал огнот за само неколку минути. Трпкоски вели дека пир пената го спречува ширењето на огнот. Доколку ѕидовите биле направени со пир пена, ќе чадело, ама немало да се запали објектот. Ѕидовите од преголемата топлина ќе се стопеле, но голема е веројатноста дека ќе немало човечки жртви. Пур пената, пак, на 100 степени се топи. Таа не може да го спречи смртоносниот поход на огнот. 

„Она што се случуваше во Тетово е флешовер - скоро истовремено палење на најголемиот дел од директно изложениот запалив материјал во затворена област. Кога одредени органски материјали се загреваат, тие се подложени на термичко распаѓање и ослободуваат запаливи гасови. Концентрацијата на кислород којшто го имало во просториите, каде пациентите се лекувале на кислородна поддршка, за пет пати може да ја зголеми јачината на огнот. Токму тоа е она што се слушнало како детонација при пожарот“, објаснува Трпкоски.

Пожарникари уште при првиот влез во просторијата ги забележале предзнаците – блед чад и задимена просторија – тоа јасно укажало дека во објектот има голема концентрација на повеќе гасови од нафтени деривати. Црнилата на чадот којшто се извиваше од болницата и можеше да се види и на снимките коишто беа објавени во јавноста, укажува на тоа дека огнот достигнал температура над 800 степени, вели Трпкоски, според кој, материјалите од кои се направени модуларните болници за пациенти заболени од Ковид-19 се од нафтени деривати и за брзо време развиваат високи температури. 

Пожарникарите ја проценуваат температурата во објектот според бојата на чадот. Ако е бела тоа значи дека само што почнал пожарот и е околу 100 степени целзиусови. Како што постепено се затемнува чадот така расте и температурата.

„Пожарникарите буквално беа немоќни да сторат нешто повеќе. Благодарение на нивната брза интервенција еден дел од модуларната болница е зачуван да не изгори. Ходникот е тој кој што ги спасил дел од пациентите од страотниот пожар“, вели нашиот соговорник. 

Повеќе прочитајте на Дојче Веле.



Спонзорирани линкови

Маркетинг