По 20 години во државата се спроведува попис на население и објекти, а за првпат освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од т.н. Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава – најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата. Ќе добиеме точна бројка колку нè има во државата и каде сме точно распоредени, ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика за условите за живеење на населението, пренесува „Независен“.
Во интервју за МИА, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава во наредниот циклус на пописи околу 2030 година ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри.
На прашањето што предвидуваат протоколите и како ќе тече попишувањето на терен, Симовски вели:
„Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен. Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е:
– правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот како и лаптопот со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра.
– секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор и мислам дека временските прилики ќе ни го дозволат тоа“.
Директорот вели дека за секој од 50-те пописни реони е предвиден оптимален број на попишувачи, но тоа не значи дека и со помал број не може да се заврши работата.
„Во моментов, само за неколку пописни реони ќе се ангажираат лица според одлуката на Владата, а во другите реони има доволен број на попишувачи кои ефикасно и успешно ќе ја завршат својата обврска. Впрочем, овој пат Пописот трае 25 дена што е доволен период за целосен опфат на населението на целата територија на државата“.
Целосното интервју прочитајте го на следниот ЛИНК.