На денешната прес-конференција на премиерот Зоран Заев во врска со исклучувањето на Максим Димитриевски од СДСМ изјави дека тоа било негова одлука и дека тој се одлучил да истапи од партијата и да оди како независен кандидат.
„Тој многу добро ја знае процедурата, но Максим тргна против Максим“, рече премиерот на денешната прес-конференција.
„Кога ќе тргнете против СДСМ, не можете истовремено да бидете и член на СДСМ. Инаку можете слободно да ги кажете вашите различности во органите на партијата, да се борите за вашите ставови, тие многу често победуваат дури и кога не се ставови на највисокото раководство. Максим беше член на Конгрес, по функција член на Централниот одбор, како градоначалник секогаш го имал правото да дискутира и да ги каже своите забелешки, така што ја знае процедурата како се донесуваат одлуките. Неговата определба да не дочека СДСМ да ја донесе одлуката и преурането да го напушти процесот на селекцијата на кандидатите, согласно сите истражувања кои ги направивме, тоа е негова лична одлука и со тоа тој ја донесе и одлуката за себе исклучување од СДСМ“, рече Заев, потсетувајки дека во Куманово ќе победи тој што 30 години по ред победувал, а тоа е СДСМ. За него, Оливер Илиевски е најдобриот кандидат за Куманово, пренесува „Скопско ехо“.
Димитриевски: Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации
„Денешниот став на претседателот на СДСМ, Зоран Заев дека ќе бидам исклучен на следната седница на Централниот одбор на партијата докажува дека вчерашниот став на секретарот Николовски дека сум се самоисклучил не е вистина, и го потврдува мојот став дека формално правно сум се уште член на СДСМ. Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации и инсинуации.
Прашувам како однапред раководството на СДСМ можело да ги предвиди одлуките на Централниот одбор пред тие да бидат донесени. Дали за ваква внатрепартиска демократија се боревме? Јас нема да дозволам во моето општествено делување демократијата да биде само формална, туку така ќе биде практикувана и во реалност. Како и да се произнесат партиските органи, јас по убедување бев, сум и ќе бидам социјалдемократ и тврдам дека евентуалната одлука за исклучување е плод на желбите и суетите на поединци на раководството на СДСМ. Како инаку би го објасниле фактот дека стотици членови, активисти и симпатизери ја потпишаа граѓанската иницијатива за моја кандидатура. Зарем и нив ќе ги исклучат?
Во едно се сложуваме со господинот Заев. Кумановчани знаат што е најдобро за нив, и сигурен сум дека на 17 октомври тоа јасно ќе го покажат поддржувајќи ја граѓанската иницијатива „За Наше Куманово" со имплементирање на реална демократија во пракса“, гласи реакцијата на Максим Димитриевски.