Анализа: Македонија на шесто место во светот по смртност од Ковид-19: Eкспертите објаснуваат зошто е тоа така

Точка

18/05/2021

10:35

5.845

Големина на фонт

а а а

Од почеток на пандемијата на коронавирусот досега, во Македонија регистрирани се вкупно 5.230 смртни случаи.

На светската мапа за следење на состојбата со коронавирусот, Македонија е на високото шесто место според бројот на починати на еден милион жители.

Дел од експертите за „Сител“ изјавиле дека - „високите дози на антибиотици, различните болнички протоколи, неискуство на персоналот во малите градови“, се меѓу причините за сè уште високата смртност од Ковид-19 во земјава.

Микробиологот д-р Никола Пановски вели дека досега никој не ги анализирал причините за високата смртност во Македонија, а се сомнева и дека пациентите биле предозирани со лекови.

Изјавата на д-р Никола Пановски за „сител“:

„Давањето на многу лекови на пациентите уште додека се здрави и во добра состојба, по 10-15 лекови прима секој пациент, два антибиотика, така да имаме во болниците често пати доаѓаат пациенти кои се интоксицирани од лекови, место да им се зголеми имунитетот им се намалува. А, за антибиотиците е докажано дека се беспотребно давани. Сум докажал дека сумамедот е даван во две дози, што се забранети, токсични дози, што е кривично дело и никој не реагирал“.

Матичните лекари велат дека терапијата за Ковид-19 била одредувана во зависност од состојбата на самиот пациент.

Првиот човек на еснафското здружение тврди дека спасиле многу животи.

Додека пак, Чолакова-Дервишова како причина за високата смртност го посочува количеството кислород кој пациентите го добиваат за време на болничкото лекување.

Изјава на д-р Чолакова-Дервишова за „сител“:

„Мислам дека преголемите дози на кислород исто така штетно влијаат. Можете да ги земете бројките колку секој матичен лекар лекувал, третирал, таа статистика ја има во базата на „Мој термин“ и колку луѓе од тие останале живи. Значи тој процент е многу, многу висок“.

Инаку, според дневната статистика на Министерството за здравство, од минатиот понеделник до денеска регистрирани се 137 починати луѓе како последица на коронавирусот, а речиси сите од нив својот последен здив го имале во болница.

Кога станува збор за новозаразени лица, бројката во последната недела во континуитет се движи помеѓу 2 и 4 отсто од тестираните.