Македонците кои заглавија на „Евзони“ се враќаат назад: Денеска нема влез во Грција, Османи објасни зошто границата е затворена

Макфакс

14/05/2021

12:49

8.242

Големина на фонт

а а а

Сите кои тргнаа кон Грција се враќаат назад, откако рампите на граничниот премин останаа спуштени. Грчката полиција не дозволи влез на оние кои немаат грчки пасош.

Службениците не знаат кога ќе добијат одобрение од Атина за влез на странци, а предвидуваат дека тоа ќе биде ноќеска на полноќ или утре изутрина. На границата имаше возила со македонски, српски, бугарски таблички кои чекаа во колона.

„Ни кажаа дека нема да добијат одобрение пред полноќ, затоа се вративме назад“, вели граѓанин кој утрово се обидел да ја премине грчката граница.


Освен оваа информација, грчките гранични службеници одбиваат да одговараат на други прашања. Велат дека ги известиле нивните власти и чекаат насоки и инструкции од таму.

Османи, денеска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека македонските граѓани кои чекаат на граничниот премин нема на можат за ја поминат границата без формална одлука на Владата во Грција.

„Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите и да можат да минуваат граѓаните“, вели Османи, кој ги повика граѓаните да се информираат преку официјалните соопштенија, пренесува Фактор.

На граничниот премин „Богородица“ утрово се створија колони. Граѓаните беа затечени од одлуката на граничната полиција на Грција, која одби да ги пропушти за влез во земјата. Македонската полиција ги пропушташе возилата и во меѓузоната, но сега, сите се враќаат назад.


Инаку, од денес требаше да се отвори граничниот премин со Грција за сите граѓани на Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела. Потврда за ова вчера даде и премиерот Зоран Заев по средбата со Киријакос Мицотакис во Атина.

Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб-страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија. Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцинана „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“ (спутник).



Спонзорирани линкови

Маркетинг