Зоран Заев ја прифатил оставката на Рашковски

Точка

14/04/2021

13:55

1.590

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски на денешната прес конференција кажа дека премиерот Зоран Заев ја прифатил оставката на Драги Рашковски.

"Секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата Драги Рашковски достави до премиерот писмо со кое го известува дека се повлекува од функцијата. Тоа е негова лична одлука и има право на тоа. Владата во неколку наврати ги охрабри институциите да проверат дали се прекршени какви било процедури правила и стандарди. Уште еднаш потенцираме дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од тој софтвер за сообраќај. Истиот е набавен по сума која е спуштена низ тендерската постапка. Тој софтвер е тестиран, исправен, функционален и нашите институции ќе го користат, а бенефит ќе имаат граѓаните и нивната безбедност. Владата работи по највисоките стандарди – професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност. Ве известуваме дека премиерот Заев ја прифати оставката на Рашковски, рече Арсовски.

Потсетуваме, утрово Драги Рашковски во објава на Фејсбук напиша дека се повлекува од функција секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата.

Тој во објавата го сподели и писмото што го упатил до премиерот каде ги објаснува причините за, како што наведува, неотповикливото повлекување од функцијата.

"Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции", напиша Рашковски.