Објавена програмата на Зоран Заев за партиските избори на 21 март

Макфакс

17/03/2021

15:37

832

Големина на фонт

а а а

Со програмата „Нова политика“, Зоран Заев ќе ја бара довербата од членството на првите директни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, закажани за недела, 21 март.

Програмата е достапна на јавноста на официјалната интеренет-страница на СДСМ.

Од СДСМ појаснуваат дека програмата е базирана на пет клучни столба, со цел позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи од СДСМ.

Се најавува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда. Тоа, како што посочуваат социјалдемократите, не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе.

„Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција, само за да биде функционер, туку да врши должност и да им биде служител на граѓаните. СДСМ постои за граѓаните, а функционерите мора да им служат на граѓаните“, велат од СДСМ.

Втора точка е ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот. СДСМ во таа насока наведува дека народот веќе сведочи дека нема веќе недопирливи, а во тоа почнале да се уверуваат и оние што биле најсомничави.

„Времето на неказнивост заврши, на ред е правдата. Истото важи и за сите од редовите на СДСМ. Членката книшка од партијата не значи привилегија, туку уште поголема одговорност“, додава СДСМ.

Охрабрување за поинакво мислење и почитување туѓи ставови е третата точка од програмата. Во оваа насока се образложува дека СДСМ е партија во која владее исклучително ниво на демократија, но секојдневно се промовираат и се почитуваат поинакви мислења за дополнително да се зајакне демократијата. Нашата татковина, еднаш беше, но никогаш повеќе нема да биде земја во која вистината се шепоти, а лагите се извикуваат на цел глас, велат од владејачката партија.

Четврта точка е градење на СДСМ за новото време – млад СДСМ, прв во промените, а поттикнување, кревање на мотивацијата на нашите граѓани е петтата точка од програмата.

На 21 март, недела, секој член на СДСМ, кој активно се регистрирал, ќе има можност да гласа. Зоран Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг