Премиерот на Русија, Михаил Мишустин истакна дека најмалку 120 илјади дози од новата вакцина против коронавирусот ќе бидат произведени во текот на идниот месец.
Русија ја регистрираше и третата вакцина против коронавирусот, пренесува „Спутник“. Премиерот Михаил Мишустин соопшти дека 120 илјади дози веќе од идниот месец ќе им бидат достапни на граѓаните на земјата, а масовната вакцинација ќе започне на пролет.
Новата вакцина ја разви Федералниот научен центар при Руската академија на науки „Чумаков“.
Центарот „Чумаков“ планира да ја пласира вакцината и на меѓународниот пазар. Станува збор за вакцина која е развиена врз база на „целиот вирус“. Таквите препарати користат или вештачки ослабени вируси кои не се во состојба да предизвикаат болест, или веќе убиени вируси.

Да потсетиме, Русија беше првата земја во светот која во август минатата година регистрираше вакцина против коронавирусот.
Во Русија веќе се регистрирани две вакцини против коронавирусот – вакцината „Спутник 5“ која ја разви Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ и вакцината „Епивак“ која ја разви Државниот истражувачки центар за биотехнологија „Вектор“.







