Заев: Ако Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“, размислуваме да ја забраниме оваа апликација во земјава

Точка

28/01/2021

13:43

5.775

Големина на фонт

а а а

„Доколку социјалната мрежа „Телеграм“ не одговори позитивно на барањата испратени од владата за бришење на групата „Јавна соба“ во која што се споделуваат порнографски материјали од жени и девојки, Владата ја разгледува опцијата апликацијата да биде блокирана или ограничена за користење во Македонија“, објави премиерот Зоран Заев.

Заев вели дека единствена цел е да се затвори проблематичната група и Телеграм да помогне во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело и не станува збор за цензура.

„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување. Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело“, објави Заев во статус на Фејсбук.

Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да...

Posted by Zoran Zaev on Четврток, 28 јануари 2021

„Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“, пишува Заев.

„На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, вели Заев.