Џеј Ло, Лејди Гага, Хенкс и Тимберлејк на инаугурацијата на Бајден: Настанот ќе го обезбедуваат 20 илјади припадници на Националната гарда

Точка

15/01/2021

13:36

1.454

Големина на фонт

а а а

Поп ѕвездите Лејди Гага и Џенифер Лопез ќе настапат на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден на 20-ти јануари во Вашингтон, а настанот ќе го одбележат посебните мерки поради коронавирусот и неодамнешните насилства пред зградата на Конгресот.

Лејди Гага ќе ја отпее американската химна, а Џенифер Лопез потоа ќе изведе „музички перформанс“, соопштија од организацискиот одбор.

И двете популарни пејачки во текот на кампањата го поддржаа Џо Бајден, а Лејди Гага го нарекува свој „голем пријател“.


Инаугурацијата под мотото „обединета Америка“ ќе биде поинаква од сите досегашни. Организаторите и градоначалничката на Вашингтон ги повикаа Американците да останат дома и настанот да го следат виртуелно поради рекордните бројки на заразени и починати од коронавирус во земјата во последните неколку дена.

Наспроти Конгресот ќе биде поставено „поле на знамиња“, а како што појаснија од тимот на Бајден, американските знамиња ќе ги претставуваат граѓаните кои нема да можат да присуствуваат на инаугурацијата.

Инаугурацијата ќе се одвива со засилени мерки на безбедност после упадот во Конгресот од страна на поддржувачите на Трамп на 6-ти јануари кои протестираа против победата на Бајден. Поради тоа, Пентагон одобри распоредување на 20 илјади припадници на Националната гарда.


По свеченоста, Џо Бајден ќе ги посети Националните гробишта во Арлингтон заедно со тројца негови претходници – Барак Обама, Бил Клинтон и Џорџ Буш каде ќе положи цвеќе на гробот на непознатиот херој и ќе ги повика граѓаните на единство.

Навечер, актерот Том Хенкс ќе води специјална емисија која ќе се емитува на главните американски телевизии, а ќе настапат бројни музички ѕвезди, меѓу кои и Џастин Тимберлејк.




Спонзорирани линкови

Маркетинг