Демократски сојуз: Со Бугарија немаме заедничка историја

Макфакс

09/12/2020

19:55

1.301

Големина на фонт

а а а

Со Бугарија немаме заедничка историја, велат од Демократски сојуз. Од партијата велат дека негирањето на Македонскиот национален идентитет од страна на Владата на Бугарија е класичен непријателски чин, а ветото на евроинтеграцискиот процес на Македонија е антицивилизациско, антиевропско однесување, со тешки последици по безбедноста, стабилноста и мирот на Балканот и пошироко.

„Треба многу јасно да им соопштиме на Владата на Бугарија, дека немаме заедничка историја, дека Македонскиот народ има посебна автентична историја и “корења” и дека не прифаќаме уцени и условувања како суверена и независна, проевропска и модерна држава“, велат од ДС. 

Демократскиот сојуз ги повикува лидерите на земјите членки на Европската Унија да направат се што е во нивна моќ, Македонија да може да чекори напред.

„Сигурни сме дека само на тој начин ЕУ ќе влијае на стабилноста, јакнење на демократските капацитети и економскиот развој на Балканските држави. Правдата, меѓусебното разбирање, почитување на различностите и разрешување на отворените прашања преку дијалог, се вредности за кои се залагаме и за кои сме цврсто определени. Сме за добри односи со сите соседи, вклучително и со Република Бугарија, без било какви резерви и условувања. Наместо негирања и блокади, сме за слободно движење на луѓето, капиталот и идеите“, велат од Демократски сојуз.



Спонзорирани линкови

Маркетинг