Петре Шилегов за Точка ТВ: „Потрошивме 200 илјади евра за трошоци за Новогодишно украсување, но исто толку и заштедивме“

Точка

08/12/2020

22:28

5.745

Големина на фонт

а а а

Изминатиов период една од најактуелните теми беше пренаменување на буџетот за Новогодишното украсување, во инвестиции во здравството.

Оваа иницијатива потекнува од Здружението за заштита на работничките права, а голем дел од граѓаните ја поддржаа истата.

Воедно, може да кажеме и дека мислењето на нашите читатели е речиси подеднакво поделено. Додека едни се пресреќни што барем нешто убаво може да видат во главниот град, други сепак цврсто стојат до ставот дека требало тие средства да се пренаменат во инвестиции за здравството. 

И покрај големиот притисок оваа година Скопје да не се украсува, вчера, на 7-ми декември, околу 19 часот, традиционално на плоштадот „Македонија“ светна Новогодишната елка.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, беше дел од настанот, и како што самиот најави, со вчерашното светнување на елката симболично се означува почетокот на Новогодишните празнувања во Скопје.

Имено, екипата на Точка беше на плоштадот „Македонија“, па накратко поразговаравме со Шилегов за спорното Новогодишно украсување во главниот град.

„Немаме право желбите на луѓето за поубаво утре, за добро здравје, за нов почеток или враќање на нашиот живот каков што беше пред 10-на месеци, да ги ускратиме“, вели градоначалникот на Скопје за Точка.

Шилегов истакнува дека во споредба со минатите години, скратиле повеќе од половина од средствата кои Градот традиционално ги троши за Новогодишно украсување.

„Буџетот беше скратен уште во старт. Јас бев свесен уште во септември кога ја распишавме постапката за Новогодишно украсување. Уште тогаш за самото украсување имавме 30 проценти намалување, а на тоа кога ќе се додадат и трошоците за Винтерленд, излегува дека оваа година потрошивме околу 200 илјади евра за украсување, но заштедивме исто така околу 200 илјади евра за останатите трошоци“, заклучува Петре Шилегов. 

Новинар: Цеце Николова


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk