Димитров: Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас

Макфакс

20/11/2020

12:01

1.669

Големина на фонт

а а а

Вицепремиерот Никола Димитров во интервју за австриски „Дер Стандард“ вели дека македонската влада ќе се обиде да го спречи очајот и национализмот, по бугарското вето и, како што додава, ќе се сврти кон пријателските држави од ЕУ.

„ Ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив“ вели Димитров.

Тој потсети дека нашата држава беше првата во регионот која потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како и дека имавме статус кандидат 15 години.

„ Најпрво бевме блокирани од Грција, но го решивме овој проблем. Потоа Франција покрена нова методологија за проширување и сега постои нов проблем со Бугарија. Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас. Во март оваа година сè уште имаше зелено светло од Советот на ЕУ – Бугарија беше дел од овој консензус. Потоа, во октомври, добивме многу позитивен извештај од Европската комисија. А што се однесува до политичките критериуми, прилично сме напреднати дури и во споредба со оние земји кои преговараат веќе неколку години“ додава тој.

Димитров нагласи дека ќе продолжат разговорите со Софија, но дека нема да преговараат за тоа кои сме и кој јазик го говориме.

„ Тоа е дел од еден историски процес, а не политичка одлука. Ние му ја должиме на нашиот народ заштитата на своето достоинство и идентитет. А ако Софија не се повлече ќе мораме да најдеме нови начини на кои ќе ја европеизираме нашата земја“ порача Димитров.



Спонзорирани линкови

Маркетинг