Здравствениот дом Скопје е прва здравствена организација во земјава што почна со изработка на брзите тестови. Станува збор за тестови од фирмата „Abbott“ кои даваат 99,6 отсто точност на резултатот.
Денеска тестирањата беа бесплатни. Оние граѓани кои вчера се тестирале ќе бидат повикани и ќе им бидат рефундирани средствата, пренесува „Канал 5“.
Цената на тестовите беше илјада денари, но откако Министерството за здравство доби донација од 13 илјади тестови, преку алгоритмот на матичните лекари ќе бидат бесплатно достапни за сите оние пациенти кои ќе имаат потреба од брзо тестирање.
Граѓаните велат дека ова е одлична можност за брзо теситрање.
Пријавувањата се одвиваат преку телефонскиот број 02/2041625 или преку матичниот доктор.
Исто така, денеска на Комисијата за заразни болести била разгледана можноста за бесплатни тестирања во здравствените домови во уште две поликлиники на територија на град Скопје. Со брзите тестови резулатите се добиваат за половина час.