Манчестер Јунајтед не се откажува, ќе стокми понуда во висина од 176 милиони фунти за двоецот на Борусија Дортмунд

Дерби

26/10/2020

14:54

1.065

Големина на фонт

а а а

Англискиот медиум „Атлетик“ пренесува дека од Манчестер Јунајтед нема да се откажат и ќе се обидат по крајот на сезоната да донесат двајца фудбалери на Борусија Дортмунд.

Џејдон Санчо ќе остане примарна трансфер цел за „ѓаволите“, а освен англискиот репрезентативец ќе се обидат во пакет со него да го донесат и Ерлинг Браут Халанд кој од 2022 година ќе има откупна клаузула од 68 милиони фунти.

Манчестер Јунајтед за ангажман на двајцата фудбалери ќе искешира околу 176 милиони фунти, сума која се уште не е познато дали ќе биде прифатена од Борусија Дортмунд, клуб кој одолеваше на трансфер нападите на Манчестер Јунајтед ова лето.

Според медиумот Халанд останал во одлични односи со Оле Гунар Солскјер кој беше тренерот кој му го даде сениорското деби на играчот во дресот на Молде.

Манчестер Јунајтед се поврзуваше со ангажман на норвешкиот талентиран напаѓач и во јануари минатата година, но тогаш поради проблеми со агентот на Халанд, Мино Раиола трансферот не се реализираше.

Клубот од „Олд Трафорд“ во намерата за ангажман на двајцата фудбалери ќе се соочи со огромна конкуренција затоа што и за Санчо и за Халанд веќе се интересираат гиганти од типот на Реал Мадрид, Ливерпул и Баерн Минхен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг