Бугарски историчар: Мораме да се откажеме од идејата дека Македонците ни се браќа

Точка

21/10/2020

16:34

5.016

Големина на фонт

а а а

Бугарските и македонските историчари мора да пронајдат решение кое навистина ќе се одрази на образовниот програм, сметан Иван Илчев, член на Бугарската академија за наука и член на Македонско-Бугарската комисија за историја и образование.

Иако во текот на состанокот со македонските колеги успеале да се договорат за промените во учебниците, во реалност се останува по старо. 

"Тоа што го договоривме, нема да има апсолутно никакво значење ако не биде во учебниците. Децата во Македонија и натаму учат по учебници во кои пишува дека старите Бугари се номадски народ со татарско-монголско потекло кој ги ограбувал. Тоа е глупост", рекол Илчев за бугарската телевизија "bTV". Тој додал дека таквата формулација и натаму е присутна во учебникот за шесто одделение, иако македонските колеги рекле дека тоа не е вистина.

"Мораме да се откажеме од идејата дека Македонците ни се браќа. Тие се соседна држава со свои интереси, а ние имаме наши. Во текот на историјата нашите интереси се вкрстувале, но постојат и други подрачја во кои можеме да работиме заедно", рекол Илчев.

Тој смета дека владата на Бугарија би требало да спроведе темелна анализа за тоа какви се користа и штетата за Бугарија при евентуално влегување на Македонија во Европската унија.

"Ќе разговараме само за братски чувства или не? Треба да има анализа како ќе изгледа тоа во економската сфера, анализа која би рекла: ако станат членка на ЕУ, веројатно ќе не поддржат по одредени прашања, но по некои прашања ќе ни создаваат проблеми", рекол Илчев.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов се состана со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, при што изрази поддршка за нашата држава на патот кон ЕУ. Борисов на 11-ти ноември ќе се сретне и со Зоран Заев, а во декември се очекува прва меѓувладина конференција за пристапувањето на Македонија кон ЕУ.

Скопје се надева дека Софија ќе го одреди датумот на конференцијата, но Бугарија има свој став, рекол заменик премиерот Красимир Каракачанов. Тој навел дека големите европски земји, пред се Германија, вршат притисок на Софија поради македонското прашање.



Спонзорирани линкови

Маркетинг