Науката конечно открива зошто комарците толку ја сакаат човечката крв, што може да доведе до развој на ефикасни репеленти

Точка

16/10/2020

12:24

2.241

Големина на фонт

а а а

Тим американски научници од универзитетот Рокфелер во Њујорк ги дефинирал хемиските соединенија во човечката крв кои се одговорни за привлекување на комарци и со тоа го поставил темелот за пронаоѓање на лек кој би ги направил луѓето помалку привлечни за комарците.

Во текот на истражувањето биле користени генетски модифицирани женки комарци со цел да се открие кои неврони се вклучуваат кај нив за време на тестирањето со крв. 

Само женките комарци се хранат со крвта од цицачи, а крвта им е потребна за развој на јајца. Инаку, главниот извор за храна на комарците е растителниот нектар како и на илјадници други видови инсекти.

Но, навиката на цицање крв од цицачите, особено од луѓето, ги направила комарците најсмртоносните животни на планетата. Повеќе од половина милион луѓе годишно умираат како последица од заразни болести како маларија, жолта треска и тропска грозница кои ги пренесуваат комарците.


Американските научници ги примамиле комарците и ги натерале да се префрлат на цицање крв така што им понудиле мешавина од 4 хемиски соединенија, развиени да го имитираат вкусот во човечката крв. Во тие мешавини се наоѓале глукоза, натриум хлорид, натриум бикарбонат и аденозин-трифосфат (АТП, хемиско соединение кое им дава енергија на клетките).

Научниците исто така можеле да препознаат кога комарците делуваат во нормален режим на исхрана, а кога во режим на исхрана на човечката крв, а тоа го распознавале преку делот на нивната уста налик игла со помош на кој комарците се хранат.

Во нивните генетски модифицирани женки комарци биле вметнати флуоресцентни маркери кои светеле кога се активирале нервните клетки, што им овозможило на научниците да следат кои клетки се вклучуваат кога им биле понудени различни извори на храна.

Само една група на неврони се активирала на вкусот на човечката крв, вклучувајќи ја вистинската човечка крв и онаа која ја синтетизирале американските научници.


„Ако комарците не можат да го откријат вкусот на крвта, тогаш во теорија не можат ни да ја пренесат болеста“, смета Вероника Џов, еден од научниците вклучени во студијата.

Нејзината колешка Лесли Восхал вели дека ваквото откритие би можело да доведе до развој на орални средства против комарци кои би им ги попречувале нивните сетила за крв.

Исто така, Восхал истакнала дека можеби е невозможно да се разбере до крај каков вкус има човечката крв за комарците. Таа се обидела да го објасни тоа со примерот на пчелите кои ги гледаат цветовите во ултравиолетови нијанси кои се невидливи за човечкото око или преку примерот со лилјаците кои користат за нас нечујни звучни бранови за да се ориентираат во просторот.

„Такво нешто не постои во човечкото сетилно искуство“, вели научничката.



Спонзорирани линкови

Маркетинг