МТСП: Левица ја злоупотребува судбината на стечајците од „Треска“ и ја лаже и манипулира јавноста

Макфакс

03/10/2020

18:58

724

Големина на фонт

а а а

Политичката партија Левица, ја злоупотребува судбината на поранешните вработени во АД „Треска“ и во обид да добие ситни политички поени манипулира со јавноста и шири лажни информации, реагира Министерството за труд и социјална политика.

Денешното соопштение на партијата Левица, велат од Министерството, претставува целосно искривување на вистината во однос на исходот од вчерашната средба на министерката Јагода Шахпаска со претставници од поранешните вработени во АД „Треска“.

„Иако не беше најавен протестот на поранешните вработени од АД „Треска“ пред просториите на Министерството за труд и социјална политика, ниту пак некој од нив побара состанок, министерката Шахпаска се сретна со нивните претставници. Министерката Шахпаска ги ислуша и најави дека нивното барање во делот на исплата на заостанатите плати и придонеси ќе го презентира во Владата“, велат од МТСП.

Таа побарала од претставниците на поранешните вработени во АД „Треска“ да и’ достават список на лица кои не се опфатени со Законот за стечајци, за да се најде модел за сите што не се на ниту еден начин дел од системот на социјална заштита, да добијат соодветна финансиска поддршка.

„За жал, претставникот од Левица, претставувајќи се како правен застапник на поранешните вработени во АД „Треска“ присуствуваше на состанокот и наместо да работи во нивен интерес, неговото присуство на состанокот преку манипулации и ширење лажни информации да го злоупотреби во политички цели“, додаваат од МТСП.