Ерменија предупреди дека судирот со Азербејџан може да стане „втора Сирија“

Макфакс

02/10/2020

14:48

1.683

Големина на фонт

а а а

Ерменскиот претседател Армен Саркисјан предупредува дека конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан во регионот Нагорно-Карабах може да стане „втора Сирија“ ако меѓународната заедница не преземе нешто.

„Замислете Кавказ да стане втора Сирија? Меѓународната заедница треба да сфати дека ако не се вмеша сега, тогаш Кавказ ќе стане уште еден огромен проблем?“ изјави Саркисијан во интервју за Си-ен-би-си. 

Саркисјан ја критикуваше активната поддршка на Турција за Азербејџан во конфликтот, истакнувајќи дека Турците имаат проблеми насекаде околу нив: во Средоземното Море, Грција, Либија и во Ирак.

„Тие создаваат проблеми насекаде“, рече тој.

Си-ен-би-си објави дека многу Ерменци веруваат оти поддршката на Турција за Азербејџан е делумно мотивирана од долготрајното непријателство околу геноцидот врз Ерменците на Отоманската империја пред еден век – настан што современата турска влада упорно одбива да го признае.

Саркисјан рече дека загриженоста на Турција за потенцијална штета на виталниот гасовод што поминува низ Азербејџан е апсолутна глупост. Тој рече дека ако Ерменија сакала да пука во гасоводот, тоа ќе го сторела пред 20 години, а не сега.

„Блумберг њуз“ посочи дека нафтените пазари се релативно опуштени во врска со безбедноста на азербејџанскиот гасовод во моментот, можеби затоа што глобалната побарувачка за енергија е намалена поради коронавирусот, а алтернативните извори се обилни.

Таа пресметка може да се промени кога гасоводот следниот месец ќе почне со испорака на гас во Италија и Грција – и повторно да се смени ако производството на нафта во Либија се зголеми доволно за да го направи азербејџанскиот гасовод помалку клучен за сите страни, освен за Азербејџан.

„ Иако близината на гасоводите до границата ги става под потенцијален ризик, Ерменија не ги нападна линиите при претходните ескалации на конфликтот меѓу двете земји, кој тлее речиси 30 години“, забележа „Блумберг“, посочувајќи ја истата поента како Саркисијан.

Гасоводот е во голема мерка под земја и е доволно цврст за без поголеми нарушувања да им одолее на неколку епизоди злоба во конфликтите кои ги вклууваат Грузија, Русија, Турција и противниците на Турција од курдската сепаратистичка група ПКК.

И Азербејџан и Ерменија вчера ги одбија повиците за прекин на огнот, исто како и Турција. Последниот повик за ставање крај на воените дејствија се појави во заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одговори дека прекинот на огнот ќе биде можен само ако ерменските сили се повлечат од азербејџанска територија.

„ Со оглед на тоа што САД, Русија и Франција го запоставија овој проблем речиси 30 години, неприфатливо е тие да бидат вклучени во барањето за прекин на огнот“, рече Ердоган.

Нагорно-Карабах е област во границите на Азербејџан со мнозинско ерменско население. Ерменија гледа на сепаратистите во покраината како борци за слобода кои три децении се борат против доминацијата на Азербејџан, додека Азербејџан и Турција сметаат дека ерменските сили се напаѓачи кои нелегално ја окупираат азербејџанската територија.

Во говорот во чест на Денот на независноста на Артсак на 2 септември, Саркисијн ја опиша спорната област како неопходна за целосно составување на ерменската нација по отоманскиот геноцид.