Азербејџан го нападна главниот град на регионот Нагорно-Карабах

Макфакс

02/10/2020

12:49

1.122

Големина на фонт

а а а

Воздухопловните сили на Азербејџан го нападнаа главниот град на регионот Нагорно-Карабах, соопшти ерменското Министерство за одбрана.

Степанакерт е главен град на де факто независната држава Нагорно-Карабах во рамките на меѓународно признатиот Азербејџан. Има 40.000 жители, речиси сите Ерменци.

Ерменските и азербејџанските сили покажаа мала подготвеност да престанат со борбите по избувнувањето нови судири на 27 септември.

Повеќе од 100 луѓе, меѓу кои и многу цивили, се убиени во тешки борби, вклучувајќи употреба на вооружени беспилотни летала, тенкови, хеликоптери и повеќе ракетни системи по должината на поголемиот дел од линијата што ги одделува ерменските сили што го контролираат Нагорно-Карабах од азербејџанските трупи.


Во изјавата на 2 октомври Министерството за надворешни работи во Ереван рече дека го поздравува претходниот заеднички повик на Франција, Русија и на САД, копретседатели на групата од Минс на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за итно прекинување на непријателствата меѓу силите што се борат околу Нагорно-Карабах.

Ерменија денес изјави дека е подготвена да учествува во мировните разговори бидејќи меѓународните лидери продолжуваат да повикуваат на итен прекин на борбите со азербејџанските сили.