Главниот српски епидемиолог, доктор Предраг Кон ја разбрани тамошната јавност со изјавата дека во земјата има три пати повеќе смртни случаи од коронавирус, отколку што е официјално пријавено.
По ваквата изјава која предизвика лавина на реакции во српската јавност, приморан беше да се огласи и претседателот Александар Вучиќ.
„Србија ќе направи целосна ревизија за секој смртен случај, за секој човек да видиме како тоа изгледа“, изјави Вучиќ и додаде дека српските власти не криеле никакви податоци и транспарентно ќе работат во иднина.
Говорејќи за податоците за бројот на починати од коронавирус, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави:
„Горд сум на сите доктори, никој од нас нема излажано ништо. Се слушнав со луѓето од „Батут“, тие велат дека имаат помалку починати“, изјави Вучиќ.
Коментар во врска со изјавата на епидемиологот Кон даде и српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.
„Одговорно велам, како ресорен министер, дека таа информација дека починале три пати повеќе луѓе не е точна. Стојам зад тоа, не е втемелена на ниту еден доказ и би ги замолил сите да бидат внимателни кога изнесуваат такви податоци. Тоа апсолутно не е точно“, изјави Лончар.
Да потсетиме, српскиот епидемиолог Предраг Кон изјави дека до јуни во Србија имало дури три пати повеќе смртни случаи како последица на коронавирусот од тоа што беше писмено пријавено.
„До јуни имаше три пати повеќе смртни случаи од тоа што беше писмено пријавено“, изјави Кон и додаде за тоа е виновен компјутерскиот систем.