Учениците ширум земјата од понеделникот започнаа со тестирање на Националната платформа за далечинско учење, откако викендов им беа доделени лозинки со кои им е овозможен пристап до неа.
Сепак, очигледно платформата падна на првиот тест, откако повеќе родители и ученици регистрираа проблем уште при првиот обид да се приклучат.
Од Министерството за образование и наука смируваат, односно велат дека тоа е дел од тестирањето и станува само за моментални проблеми со поврзувањето на платформата.
„Ова е очекувано, затоа служи тестирањето, тоа е поентата, да се види издржливоста на платформата“ велат од МОН, додавајќи дека не станува збор за некаков проблем со платформата.
Денеска и утре се очекува сите ученици ширум земјава да ја тестираат Националната платформа, со цел да се види нејзината издржливост, пред стартот на новата учебна година која започнува во четврток.