Долорес Поповиќ за Точка: „Сите мои авторски песни започнаа како интимен подарок за мојот партнер“

Точка

18/09/2020

22:26

2.204

Големина на фонт

а а а

Долорес Поповиќ е актерка и пејачка, за која треба далеку да се слушне и од која може многу да се научи. Оваа млада девојка многу храбро чекори по актерската патека, пополнета со прекрасни ноти и неверојатен вокал. Доли покрај своите успешни актерски улоги, изненадува со својот неверојатен музички талент - пее и свири на укулеле и создава музика која можеби и не е толку популаризирана кај нас. Токму затоа одлучивме да поразговараме со Долорес, која е одлично освежување во ова, по малку, сиво секојдневие.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Долорес Поповиќ.

Со тебе може да се зборува на толку многу теми... Но, ајде да почнеме со ред. Кои беа твоите први допирни точки со актерството?

Иако имав огромна љубов кон актерството уште од моја шеста година, првата конкретна средба со актерството ми се случи дури за време на моето студирање на Факултетот за драмски уметности, тоа беше првиот момент кога едноставно знаев дека целиот мој живот не сум сонувала напразно.


Фото: Наташа Величковска

Колку оваа професија те промени, на какви животни вредности те научи?

Прво, а сметам и најважно, како и секоја групна работа каде зависиме еден од друг, ме научи на безусловна соработка и креативно пронаоѓање на решенија. Ми даде можност да живеам илјадници различни животи и да канализирам чувства кои никогаш не би ги имала да не беше професијата. Едноставно, ми ги прошири границите на тоа која сум јас.

Од твој агол, колку во нашата земја може да се просперира од актерството? Што е она што можеби нѝ недостасува?

Актерството, и уметничката фела воопшто, се една од ретките работи кои се подробрно дискутирани во општеството, и добро е позната хонорарната природа на нашите професии. Одговорот на второто прашање е изобилен со милион насоки во кои би можел да биде, од институционална реформа, до субвенционирање за закрепнување на индустријата, но можеби за многуте млади актери би било неверојатно кога би имале уште младински културни центри што сигурно би било погодно за сите уметнички правци.


Фото: Ѓорѓе Поповиќ

Мора да забележиме дека ти навистина многу се издвојуваш од масата - нешто што е многу тешко во денешно време. Моето прашање е дали и покрај сета твоја посебност и уникатност, среќата ќе ја бараш токму во нашата земја?

Ова е најтешкото прашање кое сум го одговирила за интервју досега. Има тука многу емотивни компоненти и веројатности. Во овој момент немам одговор, како што прилега на еден млад човек, за жал. Мене секако би ми било драго да се посветам на уметноста во јадрото на мојата желба за уметност, каде што и публиката ми е најинтимна.

Опиши нѝ го моментот кога сфати дека ги имаш сите предиспозиции за да бидеш и пејачка.

Тоа е можеби и првата работа што ја имам сфатено во врска со себе, пеам уште пред да проодам, средното образование го завршив во музичкото училиште Илија Николовски-Луј, а паралелно бев и дел од младинскиот хор на Запро Запров. Отсекогаш знаев дека иако глумата ми е најголема љубов, никогаш нема да се откажам од мојата потреба да останам во контакт со музиката. Сè што недостигаше е јас да совладеам инструмент како придружба на мојот вокал и да соберам доволно храброст да го соголам пред светот можеби најсентименталниот дел од себе. Инаку поконкретно, бев на една полноќна дружба кај мои пријатели кои кога ме слушнаа како си мрморам една од моите авторски песни, без да ме остават да се двоумам, ме наместија пред светла и камера, ми тутнаа укулеле во раце и само рекоа „Снимај!“. Засекогаш ќе им бидам благодарна што беа последниот чекор во моето охрабрување.


Фото: AniDimi Photography

Што те натера да твориш и воопшто да ја споделиш твојата музика со поголема маса на луѓе?

Едноставно, ме натера тоа што ги тера сите големи музичари на кои им се восхитуваме – љубовта. Сите мои авторски песни започнаа како еден интимен подарок кон мојот партнер. Музиката отсекогаш била јазикот на мојата љубов. Токму поради интимната природа на мојата музика, долго време се двоумев дали да ја споделам со публика, меѓутоа позитивните реакции на моите најблиски ме турнаа кон тоа да се покажам пред светот.

И покрај огромниот талент за музицирање, твојата главна професија е актерството. Каков е твојот план за во иднина, на која професија сакаш повеќе да ѝ се посветиш?

Моја примарна професија засекогаш ќе остане актерството, музиката е нешто со кое можам да се бавам и сама во својата соба, а актерството го доживувам како животен повик. Што не значи дека нема да се посветам и на компонирање сè додека има кој да ме чуе и доживее.


Фото: Приватна архива

Ти си навистина големо музичко освежување на нашата сцена и дефинитивно за тебе треба далеку да се слушне. Дали можеби си размислувала за посериозна музичка кариера?

Како што поминува времето и добивам позитивни реакции, сè повеќе се конкретизира и желбата за мое пообемно реализирање на музичката сцена. Јас од музика нема никогаш да се откажам, а публиката ќе одлучи во кој правец ќе оди мојата кариера.

Овој викенд ќе се одржува 35-то издание на Макфест. Во контекст на тоа, какво е твоето мислење за македонската сцена воопшто? 

Македонската музичка сцена несомнено има постојаност, и очигледно и публика која ја консумира. Секако, малку поважно од тоа дали постои каква таква постојаност, е каква е таа сцена, и со кои капацитети располага. Можностите за конкретизирање на младите аматери во некакви професионалци се ретки. А можностите за професионалците да се бават со музиката сериозно се исто така ретки, во отсуство на фестивали и средства, особено во алтернативната сцена. Едноставно одговорено, не сум фан на мејнстримот, а за жал само таму се успева.


Фото: Жарко Чулиќ

Свесно или не, нè навикнуваш дека од тебе постојано ќе гледаме и слушаме нешто ново. Па така, за крај, уште кој твој талент не сме го запознале?

Сите мои текстови на песни се родија од моја поезија и прозно креативно пишување, па во тој дух, би ги издвоила тие две како мој скриени страни кои се надевам дека еден ден доволно ќе се охрабрам за да ги експонирам.



Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг