Чадот од американските пожари дојде до Европа

Точка

16/09/2020

18:00

1.286

Големина на фонт

а а а

Шумските пожари кои беснеат на американскиот западен брег, покрај Тихиот океан, се десетина до сто пати поинтензивни од просекот во последните 15 години со посебно густ чад кој дошол дури до Европа, објави денеска европскиот сервис за климатски промени "Коперникус".

Благодарение на сателитските снимки го следиме обемот на пожарот и загадувањето од чадот ширум САД и пошироко - рекол денеска во соопштение Марк Парингтон, научник од сервисот за атмосферски надзор Коперникус, пренесува агенцијата "AFP". 

Пожарите произведуваат голема количина на чад, а во Калифорнија и Орегон веќе испушиле многу повеќе јаглерод отколку било која година од 2003-та година, од кога тоа се мери. Количината на јаглерод е пресметана на 21,7 мегатони во Калифорнија и 7,3 мегатони во Орегон.

Посебно густиот чад дури и стигнал до Европа.

Поради силните атмосферски системи, чадот од пожарите со денови бил само над западниот дел на Северна Америка, предизвикувајќи потенцијално опасен квалитет на воздухот во градовите Портланд, Ванкувер и Сан Франциско, пренесува агенцијата Хина.

Меѓутоа, времето од понеделникот се променило и чадот со воздушните струења бил однесен на исток. Порталот "IHS Metro Weather" во вторникот објавил дека е видлив на небото над Њујорк.

Сервисот Коперникус проценува дека чадот почнува повторно да минува преку Атлантикот и дека ќе дојде до северна Европа подоцна оваа недела, што веќе се случило кон крајот на минатата недела.

"Фактот дека тие пожари испуштаат толку загадување во атмосферата, што густиот чад можеме да го видиме и на далечина од 8.000 километри, покажува колку се разорни", рекол Марк Парингтон.

Од средината на август на американскиот западен брег изгореле повеќе од два милиони хектари вегетација и тоа од канадската до границата со Мексико.

Научниците се согласуваат дека чадот од тие шумски пожари е последица од климатските промени, кои ја влошуваат хроничната суша и предизвикуваат екстремни метеоролошки услови.

Меѓутоа, претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно предизвикал полемика така што ја негирал улогата на климатските промени во тие шумски пожари.




Спонзорирани линкови

Маркетинг