Вакцината станува главниот адут на Трамп за изборите: Ќе ја добиеме за неколку седмици...

Точка

16/09/2020

09:30

933

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави би можеле да ја добијат вакцината за три или четири седмици, додека некои американски експерти апелираат на внимание поради забрзаната постапка.

Трамп говорејќи за "ABC" изјави дека вакцината ќе биде подготвена за дистрибуција до претседателските избори на 3-ти ноември.

„Многу сме блиску да добиеме вакцина. Ако сакате да ја знаете вистината, на претходната администрација ќе ѝ требаа можеби и години за да ја развијат вакцината поради Агенцијата за лекови и сите одобренија. Ние ќе ја добиеме вакцината за неколку седмици. Би можеле да бидат, три, четири седмици“, изјави Трамп.


Американскиот претседател порача дека неговата одлука за забрана на патувањата од Кина и Европа спасила илјадници, ако не и милиони животи. Тој исто така ги бранеше Американците кои се противат на носењето на заштитни маски и порача дека и експерти како Фаучи го менувале своето мислење во врска со таа проблематика во текот на кризата.

Претходно во текот на овој месец, Ентони Фаучи, главниот експерт во САД за заразни болести, за "CNN" изјави дека најголемиот дел од експертите веруваат дека вакцината ќе биде подготвена во ноември или декември.

„Можно е да имаме вакцина и до октомври, но мислам дека е мала веројатноста за тоа“, изјави Фаучи.


Запрашан за изјавите на почетокот на пандемијата, каде што ја намалуваше опасноста од коронавирусот и говореше дека вирусот ќе исчезне, Трамп порача дека тој не ја намалувал опасноста и делувал многу силно кога станува збор за справувањето со пандемијата.

Инаку, речиси 6,6 милиони случаи на коронавирус се потврдени во САД што е далеку највисока бројка во светот, додека во оваа земја како последица на коронавирусот досега починаа 195 илјади луѓе.



Спонзорирани линкови

Маркетинг