ОФИЦИЈАЛНО: Меси останува уште една сезона и удри по претседателот – Бартомеу ме измами!

Макфакс

04/09/2020

19:22

2.964

Големина на фонт

а а а

По десет дена „хаос“ по факсот кој го прати со барање за заминување од Барселона, Лионел Меси официјално потврди дека ќе остане во дресот на Блауграна уште една сезона откако стана невозможна идејата за трансфер.

И покрај тоа што претпладнето помина со официјални соопштенија околу валидноста на клаузулата од 700 милиони евра во договорот со Барселона, Меси на крајот „потклекна“ и објави дека ќе остане во клубот уште една сезона, избегнувајќи „војна“ со клубот каде што ја помина целата професионална кариера.

„Не бев среќен и сакав да заминам. Не ми беше дозволено да го направам ова на никој начин и ќе останам во тимот за да не влеземе во легална борба. Водството на клубот предводен од Жосеп Марија Бартомеу е катастрофа“, се вели во изјавата на Меси.

„Кога на семејството кажав дека сакам да заминам, беше брутална драма. Цело семејство плачевме, моите деца не сакаат да си одат од Барселона. Но, јас сакам да се натпреварувам на највисоко ниво и во Лигата на шампионите. Мораш да се натпреваруваш, а не да се распаѓаш како што направивме во Рим, Ливерпул, Лисабон“, додава Меси.

Главен виновник според него е Бартомеу кој не го исполнил ветувањето.

„Мислев и бев сигурен дека можам да заминам бидејќи претседателот секогаш го велеше тоа. Сега се држат до тоа дека не сум го објавил до 10 јуни, кога во тој период се боревме за титулата од Ла лига и со овој страшен корона вирус кој ја помести сезоната. Затоа нема да продолжам со клубот. Ќе останам уште една сезона бидејќи претседателот ми кажа дека единствен начин да заминам е да се платат 700 милиони евра што е невозможно. Имаше и друг начин, да одам на суд. Но, не сакав да одам на суд против Барса, бидејќи тоа е клубот кој го сакам и кој ми даде многу откако пристигнав. Го направив мојот живот тука. Не помислив да одам на суд“, вели Меси.

Таткото на Меси, Хорхе, претходно напиша писмо со кое ја оспоруваше валидноста на неговата откупна клаузула од 700 милиони евра, по што Ла лига официјално посочи дека клубот е во право, уривајќи ги сите шанси тој да замине во Манчестер сити кај својот поранешен ментор, Пеп Гвардиола.

Со ова се избегнува јавната „пресметка“ помеѓу Меси и Барселона, која секако ќе ги поставеше двете страни во негативно светло во јавноста, но останува да се види како ќе функционира тоа на фудбалскиот терен, посебно откако новиот тренер Роналд Куман уште пред неговото барање за трансфер му порача дека веќе нема да има „привилегии“ за него во „обновената“ Барселона. Исто така ќе биде интересно да се види мотивацијата на Меси да игра кога е „приморан“, но и шансата следната сезона да замине од „Ноу камп“ како слободен фудбалер.



Спонзорирани линкови

Маркетинг