Исклучително опасниот нервен отров „Новичок“ го имаат само Русите: Еве како делува

Точка

03/09/2020

17:03

7.299

Големина на фонт

а а а

Советскиот нервен отров „Новичок“ со кој според тврдењата на Германците бил затруен рускиот истакнат опозиционер Алексеј Навални е воен отров кој е на листата на забранети хемиски оружја.

Нервните отрови од групата „Новичок“ се нов вид на отрови кои советските власти ги развиле пред крајот на Студената војна. За овие отрови малку се знаеше до 2018-та година кога „Новичокот“ беше искористен во англиски Солсбери во обидот за убиство на поранешниот двоен таен агент Сергеј Скрипал. Западот за ова ги обвини Русите.

Минатата година „Новичокот“ беше додаден на листата на забранети супстанци во Конвенцијата за хемиско оружје што беше прво дополнување на листата од самото воведување.


На најистакнатиот руски опозиционер и жесток критичар на Владимир Путин, Алексеј Навални му се слошило на летот од Сибир и најпрвин му била пружена лекарска помош во Русија, пред да биде префрлен во Германија. Во текот на вчерашниот ден, германските власти потврдија дека нивните доктори во организмот на Навални пронашле траги на „Новичок“, а германската канцеларка Ангела Меркел порача дека Русија сега ќе мора да одговори на некои тешки прашања.

Исклучително отровен

Рускиот хемичар Вили Мирзајанов кој се пресели во САД и за прв пат на светот му откри што е „Новичок“ (на руски, почетник), во 2018-та година изјави за „АФП“ дека биле потребни 15 години за негов развој, а Советите го тестирале на животни.

„Само Русите имаа развиено вакви видови на нервни отрови. Го чуваа и се уште го чуваат во тајност“, изјави Мирзајанов во времето кога беше отруен Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија.


Се смета дека отровот се користи во облик на прав или како и другите нервни отрови - во облик на течност или пареа. Состојките за отровот се превезуваат одвоено и се безопасни додека не се спојат, изјави Ричард Парсонс, професор по биохемија и токсикологија на "KCL".

Исклучително се отровни. Нервниот отров го нема никаде освен во руската армија, колку што ми е познато“, изјави Парсонс.

Нервните отрови го напаѓаат централниот нервен систем и ја попречуваат комуникацијата помеѓу мозокот и главните органи и мускули. Преоптоварувањето на системот може да резултира со губење на контролата на мускулите што може да предизвика потешкотии со дишењето и парализа. Во потешките случаи жртвата може да се задуши или да дојде до застој на срцето.

„Поединци можат да бидат изложени на „Новичок“ ако отровот им ја допре кожата или пак ако го вдишат“, изјави Вејн Картер од Универзитетот Нотингем.

Ќе преживее ли Навални?

Неговите поддржувачи тврдат дека отровот на Навални му бил ставен во неговиот чај кој го испил на аеродромот. Набрзо потоа му се слошило и сега од берлинската болница соопштија дека Навални се наоѓа во индуцирана кома и го лекуваат со противотровот атропин.

Атропинот ги ублажува симптомите со блокирање на ацетилколинот, хемиски трансмитер кој ја контролира контракцијата на мускулите.


Нервните отрови ги напаѓаат ензимите кои го контролираат ацетилколинот што предизвикува дефункција на мускулите. Со текот на времето телото го исфрла нервниот отров и самостојно започнува да ги произведува потребните ензими, но засега не е познато каква ќе биде судбината на Навални.

Скрипал и неговата ќерка го преживеаа нападот во 2018-та година благодарение на навремената интервенција на докторите, но почина една Британка која исто така била изложена на опасниот нервен отров, додека беа повредени неколкумина други, вклучувајќи и полицаец.

Операцијата за деконтаминација на регионот траеше речиси една година, а Русија категорично ги отфрли обвинувањата дека нивни агенти стојат зад нападот на Скрипал. Москва истото го тврди и денес за случајот со критичарот на Путин, Алексеј Навални.



Спонзорирани линкови

Маркетинг