Златев тврди дека бил нападнат од обезбедувањето на Мијалков: За да ме замолчите, ќе мора да ме убиете

Точка

24/07/2020

12:40

7.175

Големина на фонт

а а а

Новинарот Љупчо Златев бил нападнат во локалот „Трибека“ во Скопје, а предмалку на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ откри детали од физичкиот напад.

Златев тврди дека без никаква причина бил нападнат од страна на лице од скопска Автокоманда кое било дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков, синот на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

„Нешто по полноќ од масата на која седевме се упатив кон тоалетот на локалот. Додека се движев, во ходникот, непознато лице почна да ме удира по градите, да ме плука и да ме влече кон излезот. Додека ме напаѓаше, лицето ми се дереше "Излези надвор, многу си ни згрешил, излегувај надвор... ". Јас на неговиот напад се спротиставив и не дозволив да ме извлече надвор, по што приклештен пред влезот тој неколку пати со неговата глава ме удри во пределот на челото“, раскажува Златев кој вели дека напаѓачот носел пиштол

Според раскажувањето на Златев, за негова среќа реагирале гости од локалот кои успеале напаѓачот да го истуркаат надвор, по што дознал дека лицето е дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков.

„Еден од оние кои го истуркаа надвор, ми рече дека се работи за лице од Автокоманда, кое е дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков. Истото лице, ми посочи дека надвор пред локалот бил и младиот Мијалков со уште неколку луѓе, а ве потсетувам, додека бев напаѓан бев туркан кон излезот пред кој тој се наоѓал. Веднаш по настанот, пријавив во полиција, која експресно дојде, направивме записник и се упатив кон болница каде што ми беа констстирани лесни телесни повреди на главата и ми беше препишана терапија“, пишува Златев кој смета дека е симптоматично тоа што е нападнат во текот на истиот ден кога објавил за новиот ресорт на Мијалков во Охрид

„Јас не се плашам, мене криминалци не ме плашат. Јас сум чесен човек кој против ова зло ќе се бори со сите сили. Ако некој сака да ме замолчи, ќе мора да ме убие!“, порача Златев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг