Обвинителството отвори предмет за статус на Апасиев, за пукањето по изборите и натаму молк

Точка

17/07/2020

14:35

8.649

Големина на фонт

а а а

Скопското обвинителство отвори предмет за статус објавен на социјалните мрежи од страна на претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев.

„ОЈО Скопје по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР отвори предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија. Истовремено за истото лице пристигнаа две кривични пријави, поднесени од здружението на граѓани Хелсиншки комитет за човекови права и две физички лица, а се однесуваат на друг статус објавен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер“, информираа од Обвинителството.

До Апасиев веќе била испратена покана за исказ, а станува збор за статус објавен ноќта по парламентарните избори на кој лидерот на Левица напиша „Сите ќе ве стреламе“.


Од МВР експресно го известиле Обвинителството за статусот на новиот пратеник во македонскиот Парламент.

Од Обвинителството засега нема никаква информација дали ќе биде отворен предмет за пукотниците во централното градско подрачје на Скопје, истата изборна ноќ, кога симпатизерите на ДУИ со огнено оружје ја прославија победата на партијата.

За споредба, до МВР практично истата ноќ пристигнале три пријави за паднати залутани куршуми. Еден куршум паднал во градинка во Аеродром, друг во семеен дом, а трет скршил ветробранско стакло од автомобил во Сарај.