Спасовски со црногорската амбасадорка: Со пријателска Црна Гора чекориме по патот како сојузници во НАТО и идни членки на ЕУ

Макфакс

10/07/2020

17:31

214

Големина на фонт

а а а

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, придружуван од заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Неџад Мехмедовиќ, денеска се сретнаа со претставници на Здружението на Црногорците во нашата земја, предводени од претседателот Борис Попивода, како и амбасадорката на Црна Гора Н.Е. Марија Петровиќ.

Спасовски на претставниците на Црна Гора им го честиташе Денот на државноста, 13 Јули, со желби за продолжување на пријателските односи, како и продолжување и зајакнување на билатералната и економската соработка.

Премиерот Спасовски оценувајќи ја позитивно заложбата и соработката на Здружението на Црногорците во насока на унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Црна Гора, упати честитки и до амбасадорката Петровиќ, за нејзината успешна работа и особен придонес во подобрувањето на билатералната соработка во сите области од заемен интерес.

„Црна Гора е една од најблиските, најпријателски и најбратски партнери на Северна Македонија и така и ќе остане. Благодарам за вашата поддршка на нашиот пат, кој го одиме заеднички, патот кон остварување на нашите евро-атлантски интеграции, како членки на НАТО и идни членки на Европската Унија“, истакна премиерот Спасовски.

На средбата беше разговарано и за неопходните мерки што се преземаат за успешно справување со корона-кризата и беше потенцирано дека изборите на 15 јули, идната недела, ќе бидат успешно, демократски спроведени, како што доликуваат на земја членка на НАТО и на земја на европската демократија, која ја чекори последната фаза до полноправното членство во ЕУ.

Претседателот Попивода, во име на Здружението на Црногорците во нашата земја, на премиерот Спасовски му подари пригоден подарок поздравувајќи го придонесот кон создавање услови за учество на Заедницата во граѓанскиот концепт на државата, во кој и тие како заедница сесрдно учествуваат и го поддржуваат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг