Американскиот Комитет за заштита на новинарите побара ослободување на Сафронов

Макфакс

09/07/2020

15:46

202

Големина на фонт

а а а

Американскиот Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ) побара ослободување на Иван Сафронов, поранешен новинар на руските весници „Комерсант“ и „Ведомости“ и советник на директорот на „Роскосмос“, пренесува ТАСС.

„Иван Сафронов треба веднаш да биде ослободен, а лажните обвиненија за шпионирање против него треба да бидат отфрлени. На другите новинари кои со протест ја покажуваат својата поддршка за Сафронов, треба да им се дозволи да го сторат тоа без страв од одмазда “, вели Ѓулноза Саид, програмски координатор ЦПЈ за Европа и Централна Азија, во изјавата на веб-страницата на организацијата.

Во изминатите два дена, повеќе луѓе дојдоа во „Лубјанка“ во центарот на Москва за да ја покажат својата поддршка за Сафронов. Околу 30 од нив, претежно новинари, беа приведени.

Иван Сафронов, советник на директорот на „Роскосмос“, беше приведен од страна на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) на 7 јули под сомнение за предавство. ФСБ вели дека Сафронов бил регрутиран во 2012 година, а во 2017 година на чешките разузнавачки агенции им доставувал информации за руските испораки на оружје на Блискиот Исток и во Африка.

Информациите подоцна им биле проследени на американските разузнавачи.

Московскиот суд „Лефортово“ го стави Сафронов во притвор до 6 септември. Тој се соочува со затворска казна до 20 години затвор ако биде прогласен за виновен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг