Солзавец, пендреци и шок бомби: Бурна ноќ во Белград, протестот против полицискиот час прерасна во бунт против Вучиќ

Точка

08/07/2020

08:42

4.003

Големина на фонт

а а а

Ситуацијата синоќа во српската престолнина излезе од контрола, а судирите помеѓу демонстрантите и полицијата траеја до раните утрински часови.

Во централното градско подрачје на Белград избија жестоки судири помеѓу полицијата и демонстрантите кои излегоа на улиците откако претседателот на земјата, Александар Вучиќ во вторникот најави ново воведување на полициски час поради влошената ситуација со корона-кризата.

Протестот започна со стотина демонстранти, за потоа бројката да се зголеми за кратко време. Ситуацијата ескалираше со упадот на демонстрантите во зградата на Собранието, по што следуваа пресметки со полицијата.

До раните утрински часови демонстрантите ја напаѓаа полицијата со јајца, бакљи, камења и разни други предмети, запалени беа голем број на контејнери, но и најмалку три полициски возила. Полицијата откако доби засилување, возврати со пендреци, солзавец и шок бомби, а на улиците пристигна и полициската коњаница и единици со кучиња.

Набрзо по избивањето на инцидентите во Белград се огласи премиерката на Србија, Ана Брнабиќ која порача дека државата и институциите ќе го заштитат правниот поредок „како што тоа се прави во секоја демократска земја“.

„Со оглед на тоа што не можеа да влезат во Собранието на изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилничко лице обидувајќи се да добијат политички поени на најголемата криза на планетата по Втората светска војна“, порача Брнабиќ.

Додека тоа го изјавуваше премиерката, неколку српски телевизии прикажуваа како полицајците ги тепаат демонстрантите, а гневот кај граѓаните значително порасна поради очигледното лажирање на податоците околу заболените и починатите од коронавирус.

Само во текот на вчерашниот ден беа потврдени 13 починати од коронавирус, а до 15 часот дури 110 луѓе биле на респиратор.



Спонзорирани линкови

Маркетинг