Пораката која ги огорчи фановите на Валенсија: Клубот е наш и можеме да правиме што сакаме

Дерби

02/07/2020

16:36

2.540

Големина на фонт

а а а

Состојбата во Валенсија и натаму е хаотична по рестартот на сезоната во Примера, бидејќи само два дена по отказот кој го заработи тренерот Селадес, тимот претрпе нов незгоден пораз, прв на домашен терен оваа сезона.

Атлетик Билбао ја надигра Валенсија на „Месталја“ и сосема заслужено победи со 0:2 во натпреварот кој се одигра вчера, а по кој верните симпатизери на клубот одново распалија по раководството кое делува навистина конфузно и неорганизирано во последните 12 месеци.

По пауза од цели 11 години, Валенсија минатата сезона го освои првиот трофеј откако во големото финале во Копа дел Реј ја победи Барселона, но наместо да се продолжи добриот проект кој го започна Марселино Гарсија Торал, газдата Питер Лим шокантно го отпушти тренерот на стартот на оваа сезона.

Ваквата лична одлука на сингапурскиот милијардер ги разбесни навивачите на Валенсија, а сега откако тимот одново западна во сериозна криза и му се заканува сезона без излез во Европа, навивачите го изразија својот бес преку социјалните мрежи.

Сепак, истите добија уште поголем шок во текот на денешниот ден, односно беа разгневени од пораката која ја испрати ќерката на Питер Лим, Ким Лим.

– Некои фановите на Валенсија ја критикуваат и омаловажуваат мојата фамилија. Како не можат да сфатат? Клубот е наш и можеме да правиме што сакаме со него и никој не може ништо да ни каже, – гласи скандалозната порака на ќерката која брзо беше избришана од социјалните мрежи, но која беше доволна да предизвика бура од реакции во Валенсија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг