СЈО официјално згасна - Борбата за правда не запира, вели Фетаи

Точка

30/06/2020

17:31

2.648

Големина на фонт

а а а

Од денеска на сила стапува новиот Закон за јавно обвинителство, со што и официјално престанува да постои СЈО. СЈО беше во центарот на јавноста водејќи ги истрагите против членови на поранешната власт, но и поради случајот Рекет, за кој специјалната обвинителка Катица Јанева беше осудена на 7 години затвор.

Специјалното јавно обвинителство настана како резултат на политичкиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш беше на власт, и опозициската СДСМ.  

Првиот случај кој го објави специјалното јавно обвинителство беше "Титаник", а тоа се случи во 2016-та година. Со обвинение од СЈО беше осуден и екс премиерот Никола Груевски, на две години затвор за мерцедесот.

Специјалното јавно обвинителство доби 170 предмети – пресуди, обвиненија и истраги.

Распадот на СЈО започна минатата година, со замрзнувањето на предметите за кои беа поднесени обвиненија по истекот на мандатот за тоа.

Репутацијата на СЈО дополнително ја разниша и Катица Јанева, која поради вмешатноста во "Рекет" беше осудена на 7 години затвор.

Во интервју за МИА, државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски за стапувањето во сила на Законот кажа дека нема да ја повтори грешката, кога поради непостапување по конкретните случаи во редовното обвинителство, се формираше СЈО, и уверил дека започнатите предмети ќе бидат завршени.

Јовевски додал и дека не очекува опструкции во практичната примена на Законот, кој беше донесен во февруари годинава, по многу препукувања, тензии и притисоци меѓу политичките партии.

Фатиме Фатаи по денешното рочиште за Монструм кажа дека со згаснувањето на СЈО не заврши борбата за правда во земјава.

Фетаи додала дека со новиот закон за Јавно Обвинителство борбата продолжува, а во тоа ќе се вклучат сите обвинители.

“Новите одредби се нова законска рамка што им дава и можности на обвинителите за заедничка борба против криминалот и корупцијата. Начините за нивно користење зависат од обвинителите", заклучи Фетаи.

Слична порака изнесе и обвинителката Ленче Ристовска, која на Фејсбук напиша:

"Специјалното Јавно Обвинителство за мене беше симбол на борба за идеали, за борба за правда, за интегритет, за подобра иднина, за борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципиелно и однесување со интегритет".



Спонзорирани линкови

Маркетинг