Филипче: Општата болница во Гевгелија одлично се справува во услови на коронавирус

Макфакс

27/06/2020

16:53

1.226

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Венко Филипче, беше во редовна посета на Општата болница со проширена дејност Гевгелија.

„Општата болница во Гевгелија одлично се справува во услови на коронавирус. Нема ниту еден случај на заболен од ковид-19 меѓу вработените во гевгелиската болница. Имаат добар протокол и организиран систем за работа“, рече Филипче.

Болницата во Гевгелија згрижува и лекува пациенти во одделите за интернa медицина со кардиологија, физикална медицина и рехабилитација, општа хирургија, гинекологија и акушерство, радиодијагностика, неврологија; психијатрија, центар за ментално здравје, оддел за детски болести со постнатално згрижување, офталмологија, оториноларингологија, итна медицинска помош и домашно лекување, за превентивна и стоматолошка здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, патронажна служба, био-хемиско лабораториска медицина и патолошка анатомија, а во рамки на болницата функционира и болничка аптека.

Филипче кажа дека во изминатите две години во болницата во Гевгелија биле реализирани повеќе инвестиции од страна на Министерството за здравство, но и преку преку проектот „Заеднички активности за заштита и подобрување на здравјето на луѓето во прекуграничната област“ (IpA SHIELD II) со финансиска поддршка од ИПА-ППС со Грција.

Во Општата болница во Гевгелија во тек е изградбата на нова хирушка сала.

„Добрата и опремена болница значи многу, како за пациентите кои се третираат од целиот овој регион, така и за здравствените работници кои заслужуваат најдобри услови за работа. Општата болница во Гевгелија покрива подарчје од околу 50.000 граѓани, а заради близината со границата со Грција често се користи за здравствена поддршка и на граничниот премин. Задоволен сум од лекарите, специјалистите и целокупниот персонал, од нивната мотивираност да направат повеќе за пациентите и јавното здравје на подрачјето на кое делуваат. Мило ми е што токму во болницата во која порано имавме недостаток, во моментот имаме 12 специјализанти, а подобрените услови во болницата, зголемените плати на лекарите специјалисти, верувам ќе бидат дополнителен мотив за нив да останат тука во болницата и да се грижат за здравјето на граѓаните“, – потенцираше Филипче.



Спонзорирани линкови

Маркетинг