Реакција на Филипче откако Зибери се пофали дека помогнал да бидат отворени границите: Ќе биде сменет!

Точка

25/06/2020

15:15

4.655

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Венко Филипче реагираше после изјавата на директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, кој практично се пофали дека помогнал да се отворат границите, за иселениците да гласаат за Албанец премиер.

Зибери на својот профил на Фејсбук, крајно непрофесионално, напиша дека тој и ДУИ помогнале за да се отворат границите без да има тестови и 14-дневна изолација, со цел иселениците Албанци да дојдат во државава и да гласаат за првиот Албанец премиер.

„Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики. Јас како член на Комисијата за заразни болести помогнав да се отворат границите. Дојдете дома за Албанец премиер“, напиша меѓу другото Зибери на Фејсбук.

На ова реагираше министерот за здравство Венко Филипче кој порача дека доколку има правни услови, Зибери ќе биде сменет од функцијата уште денес.

„Ја прочитав изјавата. Прво да кажам дека тоа апсолутно не е вистина, Зибери не е член на Комисијата. Ова е предизборна евтина реторика, таа е лоша и директорот ништо нема да добие со ова. Ваква изјава не доликува на доктор и човек кој раководи со таква институција“, изјави Филипче на денешната прес-конференција и додаде:

„Уште денес ќе се консултирам со правниците и ако е можно, директорот Зибери уште денес ќе биде сменет“, порача Венко Филипче.



Спонзорирани линкови

Маркетинг