Точка ТВ: Најпосетени туристички дестинации во Македонија (прв дел)

Точка

16/06/2020

16:26

6.032

Големина на фонт

а а а

Без оглед на фактот што немаме море, нашата земја во текот на целата година е посетувана од страна на туристи кои уживаат во природните убавини и локациите за шетање.

Денеска, како прв дел од најпосетените туристички дестинации во Македонија ги одбравме живописниот кањон Матка, охридскиот Канео и селото скриено во срцето на мијачкиот предел – прекрасниот Галичник.  

Кањон Матка – порта низ која се поминувало со векови

На само 17 километри од Скопје се наоѓа кањонот Матка, кој зафаќа површина од околу 5.000 хектари. Матка привлекува голем број вљубеници во природата и авантуристи.

Освен рекреативното пешачење по многубројните патеки, ова место овозможува и алпинистичко и спортско качување, кајак на диви води и планински велосипедизам.


Кањонот воодушевува со течението на реката Треска, со тишината на 10-те пештери меѓу кои се Врело, Крштална и Убава, како и подводната пештера Подврело. Езерото Матка придонесува за живописноста на пределот и влијае врз формирањето на микроклимата во регионот.

Незаобиколни се и многубројните манастирски цркви како “Свети Андреја”, “Успение на Пресвета Богородица” и “Свети Никола”, а токму поради нивниот голем број, Матка го носи и името Света Гора.

Канео – храм на врвот на ридот

“Свети Јован Богослов Канео” е една од најпознатите цркви во Охрид, сместена на карпестиот рид над плажата Канео, во стариот дел на градот.

Точниот датум за тоа кога црквата била изградена не е познат, но при анализирањето на иконографијата и архитектурата, се претпоставува дека црквата била изградена на крајот од 1200-тите и средината на 1300-тите. Канео има зачувано голем дел од првобитните фрески кои датираат пред 1447 година.


Црквата привлекува голем број туристи со својот шарм кој го има задржано до ден-денес. Спојот на природата со архитектурата и синилото на езерото и небото создаваат нереална убавина на која не може да одолее ниту еден посетител.

Галичник – траги од номадските сточари

Галичник е село сместено во падините на планината Бистра, во центарот на мијачкиот регион. Ова место претставува туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богато културно наследство и восхитувачките пејсажи.

Селото е ценето по квалитетниот галички кашкавал, како и поради белото сирење. Галичник е познат и по локалната традиционална архитектура, летната Галичка уметничка колонија, како и поради околната недопрена природа.

За туристите најпривлечна е Галичката свадба која се одржува секоја година на Петровден (втората недела од јули).


Секоја година за време на Галичката свадба се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба како чукањето на тапаните, свекрвиното оро, носењето на невестата на вода, канењето на мртвите, венчавањето во црквата “Св. Петар и Павле”... кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Во Галичник на Петровден има над 5000 посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат Галичката свадба.

За разлика од порано, кога на Петровден во Галичник се склопувале и по над 40 бракови, денес свадбата има повеќе културно значење и е еден вид културна манифестација.

*фото: Википедија
*видео: Матка: Postcards Euro News, Канео: Birachoski Photography, ZBYGLUS, Галичник: Life In Motion, Aquarius Design 


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk