Клиниката „Жан Митрев“ излекува заразен пациент со прочистување на крвта: Со хемофилтрација до негативен тест за Ковид-19

Точка

12/06/2020

22:01

16.014

Големина на фонт

а а а

Во саботата во доцните ноќни часови бил примен пациент во итна состојба, во хеморагичен шок, заради руптура на абдоминална аневризма. Оваа состојба пациентите не ја преживуваат доколку веднаш не се оперираат, а крварењето се решава со замена на абдоминалната аорта со васкуларна протеза.

Бидејќи од Министерството за здравство е дозволено пациентите со Ковид-19 да се лекуваат во центрите одредени за тоа, од Клиниката „Жан Митрев“ веднаш после операцијата се обиделе да го префрлат таму, бидејќи од хируршка страна бил згрижен (операцијата била успешно направена), но не успеале, со образложение дека капацитетите им се преполни и не го примиле пациентот.

„Моравме да продолжиме со лекувањето и следниот ден го ставивме на континуирано испирање на крвта со специјален филтер, кој ги отстранува сите инфективни медијатори, кои се создаваат од било која инфекција во крвта. Оваа метода ја работиме наназад 8 години и со огромното искуство, кое досега го имаме со слични состојби од различни причинители, знаевме дека ова е единственото што може да му го направиме на овој пациент со надеж дека сме му помогнале, бидејќи со Ковид-инфекција во ваква состојба немавме искуство. Вообичаено оваа филтрација се одвива 48 часа континуирано, но кај овој пациент само после 12 часа филтерот комплетно се запуши. Тоа зборуваше за многу ослободени медијатори на инфекцијата и токсини, кои во тоа време циркулирале во крвта“, велат од Клиниката „Жан Митрев“.

Пациентот после оваа филтрација на крвта многу добро се опоравувал, па по два дена направиле повторен тест за Ковид-19, на кој бил негативен. И наредните 3 теста покажале негативен резултат. Така што, после само 6 денови лекување, пациентот во добра општа состојба и негативен на коронавирус го пуштиле дома.





Спонзорирани линкови

Маркетинг