Вучиќ и Вулин: Хрватска намерно крие дека Србија се развива трипати побргу

Макфакс

10/06/2020

17:02

1.185

Големина на фонт

а а а

Хрватска стана предмет на кампањата за парламентарните избори на 21 јуни во Србија кога претседателот Вучиќ во неколку наврати посочува дека одличниот српски раст се премолчува во Загреб, пренесува „Индекс.хр“.

Како што пренесува хрватскиот портал, на тоа се надоврзал и министерот за одбрана, Вулин, оценувјќи дека хрватската политика кон Србија е мешавина од омраза и комплекси.

„Србија има трипати поголема стапка на раст од Хрватска“, истакнал Вучиќ како гостин на ТВ „Пинк“, каде што додал дека медиумите во Хрватска постојано објавуваат нешто против него, но не и податоци на „Евростат“ според кои Србија е прва во регионот по однос на стапката на раст на БДП.

„Проблемот е како да се објасни дека во таквата ‘тажна Србија’ на Вучиќ, стапката на раст е трипати поголема од нивната“, истакнал српскиот претседател и лидер на СНС.

„Во Хрватска има координирана негативна кампања против мене и мора секој ден да се појави некој текст за мене, но тоа не ме мачи, ме прави среќен, затоа што суштината е да се види дали може да се случи нешто лошо во Србија за тие да може да бидат лидер во регионот, што не им оди веќе три години по ред“, рекол Вучиќ.

Додека Вучиќ гостувал на ТВ-програмата на „Пинк“, Министерството за одбрана издало соопштение со пишана изјава на министерот Александар Вулин, во која тој оценува дека хрватската политика кон Србија е мешавина од омраза и комплекси.

„Хрватска внимателно ги следи нашите избори, а ние за нивните не се интересираме. Во Хрватска го знаат името и биографијата на секој министер во нашата влада, а ние речиси и да не знаеме дека нивната постои“, посочил Вулин.

Изборите во Србија беа закажани за 26 април, но беа одложени за 21 јуни по наметнувањето вонредна состојба.

Фаворити се прогресивците (СНС) на актуелниот претседател на земјата, Александар Вучиќ, и нивните водечки коалициски партнери, социјалистите (СПС) на шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг